Москва и Вашингтон не ги исполнија своите ветувања дека ќе обезбедат повлекување на Единицата за народна заштита од сириската погранична област, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавошоглу.
Чавошоглу рече дека Турција ќе направи се што е потребно за нејзината безбедност, истакнувајќи дека САД и Русија се одговорни за прекуграничните напади од сириската курдска милиција, Единицата за заштита на народот (ЈПГ).
Тој на прес – конференција во Анкара рече дека САД и Русија не ги исполниле своите ветувања дека ќе обезбедат повлекување на ЈПГ од сириската погранична област и дека „осудите на САД за нападот врз Турција се неискрени, бидејќи Вашингтон истовремено ги вооружува ЈПГ”.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот рече дека нападот, за кој Анкара ја обвини ЈПГ и во кој загинаа двајца турски полицајци, е „последната капка” и дека неговата земја е решена да ги отстрани заканите од северна Сирија.
Турското Министерство за внатрешни работи во неделата соопшти дека двајца турски полицајци се убиени, а двајца други се ранети по нападот во Азаз, во северна Сирија, за кој е обвинет сирискиот огранок на Работничката партија на Курдистан (ПКК).
Прво беше соопштено дека еден полицаец починал веднаш по нападот и дека тројца се ранети, но еден од нив подоцна им подлегнал на раните.