Арсовска:Во соработка со турските граѓански организации ќе создаваме политики и стратегии за развој на градот

Кандидатката за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска поддржана од опозициската ВМРО ДПМНЕ, денеска беше на средба со Македонската унија на турски граѓански организации (МАТУСИТЕБ) на која ја даде својата поддршка за работата на оваа организација и вети дека ќе ја гради комуникацијата во интерес на негување на културата и традициите кои ги имаат двата блиски народи.

Претставниците на МАТУСИТЕБ пред Арсовска ја претставија работата и проектите на организацијата, како и заложбите за градење пријателски релации и потенцијалите за поширока соработка.

„Скопје е мулти-религиозен, мултикултурен и мултиетнички град и од големо значење е поддршката која ја добиваме од сите организации во интерес на развој на економијата, општествените и културните вредности на градот. Заедничкиот живот и соживот е богатство кое го има Скопје и ние ова ќе го дигнеме на едно повисоко ниво, над политиката, ќе го направиме европска метропола која ја негува традицијата, а во исто време гледа кон иднината. Скопје ќе биде град на сите заедници“, изјави Арсовска на средбата.

На средбата, исто така се разговараше и за Старата скопска чаршија, како симбол на обединување, соживот и зближување на различностите.

„Скопската стара чаршија е омилено место на многу скопјани, уникатна и полна со традиција и претставува вековно обележје на градот. Нема некој кој не ја посетил и кој не е воодушевен од неа. Таа е центарот за собирање на сите генерации, голем број уметници,  туристи. Живее во духот на традицијата и крие интересни приказни за едно минато кое оставило белег буквално во секое ќоше. Скопската чаршија ги поседува вредностите што ние треба да ги промовираме и зајакнеме со заедничка соработка и со вклучување на турските граѓански организации во креирањето политики и стратегии за развој“, изјави Арсовска.

Турската заедница отсекогаш придонесувала и ќе продолжи да придонесува за економски развој на градот, но и за јакнење на социјалната структура и збогатување на културата, заклучија на крајот на средбата претставниците на МАТУСИТЕБ и Арсовска.

 

Треба да знаете
Последни објави