Тројцата затвореници од „Идризово“, кои додека биле на викенд отсуство го осквернавиле гробот на седумнаесетгодишната кумановка која загина во сообраќајна несреќа, барале злато, велат од Основното јавно обвинителство Куманово.
ОЈО поведе постапка против лице на возраст од 30 години за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Осомничениот, заедно и по претходен договор со уште две лица, на 10.10.2021 година, околу 1 часот по полноќ, на Градските гробишта во Куманово со совладување на препреки, се обиделе да одземат туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат. Тие со помош на рачен алат, лопати и ашов ја тргнале мермерната плоча со која бил покриен гроб, започнале да ја ископуваат земјата и дошле до ковчегот во кој се наоѓало тело на починато лице. Осомничените го отвориле ковчегот и започнале да вршат пребарување на телото со цел пронаоѓање на златен накит, особено златен ланец за кој имале сознанија дека се наоѓа на телото на покојната, меѓутоа при пребарувањето не успеале да пронајдат ништо, поради што делото не го довршиле, велат од ОЈО.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот.
Постапка се води и против другите двајца осомничени, кои во моментов се наоѓаат во затвор на издржување казна за друго кривично дело.
Како што претходно информираше МВР, осомничениот Д.Б. на 11 октомври годинава, заедно со Р. С. (30) и Б.Н. (32) двајцата од Куманово, кои биле пуштени на викенд од казнено-поправна установа Идризово, извршиле сквернавење на гробот.
Скандалот со сквернавењето вчера го откри Телма. Загинатата девојка беше дел од кампањата „Спаси нечиј живот“, а билборд со нејзина фотографија и порака „Возев пијан и дрогиран… ја убив Јелена“ го имаше на повеќе места во родното Куманово, но и во Скопје пред комплексот судови. Таа загина во сообраќајна несреќа во јануари лани во скопски Илинден.
Токму во скопскиот кривичен суд се одвива судењето против млад кумановец, кој е е обвинет за предизвикување на сообраќајната несреќа во која загина девојката.
Семејството обвинуваше и тврдеше дека при увидот по сообраќајната несреќа се направени повеќе грешки и сметаа дека нивната ќерка била убиена откако со тешки повреди ја преживеала сообраќајната несреќа. Обвинителството немаше такви докази и поднесе обвинение против возачот.