Војводата и војвотката од Сасекс влегоа сериозно во светот на финансиите, станувајќи партнери во фирма за одржливи инвестиции во Њујорк.
Принцот Хари и Меган Маркл се приклучија на Фондот „Етика”, кој ги советува богатите клиенти како да ги вложуваат своите пари поодржливо, давајќи им приоритет на прашањата околу климатските промени и човековите права. Двојката веќе вложи во фондот, кој управува со средства од 1,3 милијарди долари.
Компанијата рече дека двојката ќе им помогне „да стигнат до милиони луѓе ширум целиот свет”. Во интервју за „Њујорк тајмс”, поранешната глумица Меган вели дека тоа е благородно и фантастично.
– Мојот сопруг со години вели: Боже, зарем не сакаш да имаш место каде што можеш да ги вложиш своите пари во вредностите во кои веруваш?, изјави таа.
Хари рече дека се надеваат дека вака ќе охрабрат што повеќе – особено млади луѓе да ги вложат своите пари во одржливост.
Одржливите вложувања добија популарност последново десетлетие, благодарение, во голема мера, на тн. „милениумци”. Во САД, новите инвестиции во етички фондови се зголемија на 51 милијарда американски долари последниве неколку години.