На денешната граѓанска трибина на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина” актуелниот и кандидат за градоначалник на Општина Бутел, Велимир Смилевски, истакна дека се она што било предвидено, планирано и поставено како приоритет е реализирано или започнато да се реализира во Општина Бутел, и ги презентираше идните планови и проекти кои ќе го подобрат животот на бутелчани, ветувајќи дека следните четири години мандат ќе бидат полесни.
„Ќе ги видиме изградени и полициската станица и противпожарниот пункт, и градинката, и училиштето. Но, ви најавувам и нова градника во Расадник, ново училиште во село Љуботен, нови детски игралишта. Жителите на Скопје Север, Радишани и Живко Брајковски ќе добијат монтажни катни гаражи. Бутелчани ќе добијат плоштад, зелен парк и спортски центар. Младите ќе добијат културен центар во Радишани и мултифункцонален центар за забава. „Радишанска” и „Бутелска” ќе бидат целосно реконструирани, а бизнис заедницата ќе биде партнер на општината во креирањето на развојните политики. Процент од општинскиот буџет како и досега ќе биде одвоен за локалниот младински совет. И младите ќе бидат наши партнери”, се само дел од планираните проекти кои Смилевски ги посочи на средбата.
Смилевски истакна и дека затекнал општина во која 12 години не се мислело ниту на здравјето на граѓаните, ниту на развојот на општината, ниту на иднината на младите. Но, по неговото доаѓање на функцијата градоначалник со помош на централната власт веднаш започнале со работа на терен.
„Заедно со мојот тим ги поставивме приоритетите, а со поддршка на Владата и Градот Скопје започнавме и со нивна реализација. Во нивните планови беа предвидени повеќе висококатници, а помалку градинки, училишта, игралишта и зелени површини. Ама затоа, ние ги предвидовме и започнавме со нивната реализација. Допревме до сите улички во општината, отидовме и онаму каде што 50 години не е поставен асфалт. Започнавме со планска изградба на фекална,канализација и водоводна мрежа и се обврзувам дека во новиот мандат ова ќе биде висок приоритет за мене, затоа што зборуваме за потреба, а не за луксуз”, рече Смилевски.
Смилевски од граѓаните побара поддршка на изборите во недела за да продолжи развојот на општината.