Мајката на 17-годишната Јелена Филиповиќ која загина во сообраќајна несреќа во 2020 година и чијшто гроб беше отворен и оксвернавен, за „Слободен печат“ раскажува дека ден пред да го отворат гробот дошол човек на нивната влезна врата и им се заканувал дека ќе им пренесе порака за брзо време.
Мајката смета дека приказната дека гробот е отворен за да се украде златно ланче е фарса, и дека е само заплашување кое следи на една недела пред судењето во кое ќе се расветлува случајот за смртта на младата Јелена.
-Не верувам во приказната дека гробот е откопан за да на ќерка ми и украдат златно ланче. Еден ден претходно, еден ден пред да го откопаат гробот, јас пријавив во полиција дека дојде човек пред мојата куќа, пред мојата врата да ми се заканува и да ми каже дека „многу брзо ќе ја разберам пораката”. Поточно, дојде шофер од фирмата на сопатничката на Јелена од вечерта кога се случи несреќата. Тој дојде кај мене дома. Пријавен е, полиција го бараше, ноќта не го најдоа. Меѓутоа, утредента е приведен, па пуштен. Ова се само извршители на делото, а нарачателот кој е? Друго, златни предмети не се одземени од гробот. Ништо не недостасува. Само е осквернавен гробот, расфрлани се од Јелена марамата, ќебето, чаршафот за јас да го видам тој призор и да ме уништат и мене, вознемирено и низ солзи раскажа за „Слободен печат“ мајката на загинатата девојка, Гордана Филиповиќ.
Како што информираше СВР Куманово, триесетгодшниот Д.П.од Куманово заедно со кумановците Р.С. (30) и Б.Н. (32), затвореници кои биле пуштени на викенд, извршиле сквернавење на гробот на Јелена.
По МВР се огласи и ОЈО Куманово, од каде рекоа дека е поведена постапка против лице на возраст од 30 години за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
-Осомничениот, заедно и по претходен договор со уште две лица, на 10.10.2021 година, околу 1 часот по полноќ, на Градските гробишта во Куманово со совладување на препреки, се обиделе да одземат туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат. Тие со помош на рачен алат, лопати и ашов ја тргнале мермерната плоча со која бил покриен гроб, започнале да ја ископуваат земјата и дошле до ковчегот во кој се наоѓало тело на починато лице. Осомничените го отвориле ковчегот и започнале да вршат пребарување на телото со цел пронаоѓање на златен накит, особено златен ланец за кој имале сознанија дека се наоѓа на телото на покојната, меѓутоа при пребарувањето не успеале да пронајдат ништо, поради што делото не го довршиле.Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот. Постапка се води и против другите двајца осомничени, кои во моментов се наоѓаат во затвор на издржување казна за друго кривично дело, велат од ОЈО.
Скaндалот со сквернавењето вчера го откри Телма. Загинатата девојка беше дел од кампањата „Спаси нечиј живот“, а билборд со нејзина фотографија и порака „Возев пијан и дрогиран… ја убив Јелена“ го имаше на повеќе места во родното Куманово, но и во Скопје пред комплексот судови. Таа загина во сообраќајна несреќа во јануари лани во скопски Илинден.
Токму во скопскиот кривичен суд се одвива судењето против млад кумановец, кој е е обвинет за предизвикување на сообраќајната несреќа во која загина девојката.
Семејството обвинуваше и тврдеше дека при увидот по сообраќајната несреќа се направени повеќе грешки и сметаа дека нивната ќерка била убиена откако со тешки повреди ја преживеала сообраќајната несреќа. Обвинителството немаше такви докази и поднесе обвинение против возачот.
Според полицискиот билтен, на 14.01.2020 во 01.30 часот на крстосницата од ул.„2“ и ул.„10“ во с.Миладиновци и локален пат за с.Бујковци, кај железничката пруга, а втомобил „цитроен ц5“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Никола С.(20) од Куманово, излетало од коловозот. На местото на незгодата починала 17 – годишна сопатничка од Куманово, а со тешки телесни повреди се здобил возачот и уште една сопатничка, Тамара П.(19) од Куманово, по што биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од страна на Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.
Случајот, имаше и продолжение кога таткото на загинатата девојка беше приведен во кумановската полиција поради сомнеж дека со пиштол им се заканувал на неколку лица, кои им понудил пари да го убијат човекот кого го смета за одговорен за смртта на Јелена.