– Соединетите Американски Држави треба да инвестираат повеќе во Централна Америка доколку сакаат да го забават растот на илегалната миграција од тоа подрачје, изјави мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард.
Како што пренесуваат странските агенции, рекорден број мигранти минаа низ Мексико оваа година на пат кон САД, принудени од економските последици од корона кризата и надевајќи се на поблаг третман од новите американски власти.
Претседателот Џо Бајден вети дека ќе се фокусира на причините за миграција од Централна Америка така што САД ќе се бори против сиромаштијата, насилството и корупцијата.
– Потребни се повеќе американски инвестиции во Централна Америка отколку што беше случај досега, без сомнение, рече Ебрард за Мексиканското радио.
Според него, „без овие инвестиции, ако САД не ја поддржат Централна Америка, тешко е да се поверува дека брановите мигранти што се случуваат во моментов ќе се намалат”.
Во неодамнешното писмо до мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, Бајден наведе дека САД дале над 600 милиони долари помош за Гватемала, Ел Салвадор и Хондурас.
Во писмото се вели дека американскиот претседател побарал од Конгресот дополнителни 861 милион долари во следната фискална година за помош на Централна Америка.