Заев на Самитот на „Економист”: Спроведуваме политики кои обезбедија стабилност и раст и во услови на ковид и ја коригираа прогнозата на Светска банка за растот на БДП

Со обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев започна Самитот на Западен Балкан во организација на лондонски „Економист” (The Economist).

Тема на Самитот е „Унапредување на европската инклузивност и солидарност”, а на првиот, премиерски панел на тема „Западниот Балкан во пост-ковид светот: Кој е вистинскиот пат до стабилност и просперитет?”, покрај премиерот Заев со свои излагања говорат и премиерот на Република Косово Албин Курти, вицепремиерот на Република Црна Гора Дритан Абазовиќ, и вицепремиерот на Република Албанија Арбен Ахметај.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев на Самитот на Западен Балкан во организација на лондонски „Економист” во целост:

„Ми претставува посебна чест и задоволство, со воведно обраќање, да го отворам овој „Самит за Западен Балкан”, во организација на угледниот „Економист”.

Моето задоволство е уште поголемо, бидејќи денес сме сите заедно, драги колеги од регионот, министри, амбасадори, бизнис лидери, градоначалници, како и бројни драги пријатели и гости.

На самитот на „Економист” во Атина, што се одржа во јули оваа година, ја истакнав важноста од економски просперитетен Балкан на 21-от век, интегриран во Европската Унија.

Тоа се постигнува исклучиво со заедничка соработка со државите од регионот, Европската Унија, САД и сите пријателски држави, со посветена работа и верба во подобра иднина.

Горд сум што Северна Македонија постигна договор со Грција и што денес сме членки на НАТО.

Тоа значи сигурност и безбедност, како и можност за економски развој, инвестиции и економски просперитет.

Нашата држава ги исполни сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ, што е безусловно потврдено од страна на Европската Комисија.

Се заблагодарувам на сите држави членки на ЕУ кои ни ја даваат безрезервната поддршка во овој процес, а посебна благодарност за премиерот на Грција за поддршката особено во последните неколку месеци, и за континуираната поддршка на Соединетите Американски Држави.

Упатувам честитки на организаторите за прецизно избраните теми коишто ја засегаат Северна Македонија, Западен Балкан, како и светот, особено кога станува збор за економски напредок во пост-ковид периодот, стабилност, подобар стандард и економски развој.

Во таа смисла, токму темата на годинешниот Самит, „Промовирање на европска инклузивност и солидарност”, е во фокусот на државите од Западниот Балкан на нивниот пат кон Европската Унија.

Ми претставува огромно задоволство што денес, на Самитот на „Економист” ќе ги слушнеме очекувањата за ЕУ и Западен Балкан и што ќе имаме можност да разговараме за предизвиците во пост-ковид економијата со кои сите ние се соочуваме.

Ценам дека е од голема важност заедно да ги дискутираме прашањата за идните чекори кои ќе не водат до повисок раст на економиите, за реформите и нивно спроведување, за конкурентноста, социјалната кохезија, финансиските системи, бизнис партнерствата и сето тоа во контекст на нашиот заеднички пат и визија кон ЕУ.

Важно е и да слушнеме за безбедносните предизвици и контекстот на безбедносната политика, како и приоритетите на САД за Западен Балкан.

Почитувани пријатели,

Владата на Северна Македонија посветено работи на економскиот развој на државата, на отворање нови и подобри платени работни места, преку нови вложувања од нов карактер и фер пазарни услови за инвестирање, како за домашните, така и за странските инвеститори.

Во таа смисла, нашите заложби за креирање предвидлив деловен амбиент, воспоставување на механизми за владеење на правото, водење на стабилни економски политики и креирање поволни услови за инвестирање, се веќе потврдени.

Новите инвестиции ја зголемуваат економската активност во државата. Кризата одминува и економијата постојано заздравува, се стабилизира и ветува пораст во блиска иднина.

Имено, благодарејќи на растот од 5,6 проценти во првото полугодие, односно 13,1 проценти само во вториот квартал од оваа година, неодамна и Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година, од 3,6 на 4,6 проценти.

Нашите проекции за оваа година се дека растот може да надмине 4,1 процент, со очекувања дека извозот ќе забележи раст од 10,6 проценти, а бруто-инвестициите раст од 8 проценти.

Стапката на вработеност, од крајот на 2020 година до денес, повторно расте, со темпо како и пред пандемијата, со забележен раст од 1,5 проценти во последните три квартали.

Невработеноста сега е на ниво од 15,9 проценти, што е најниско ниво во поновата македонска историја. Таа е намалена за 4,8 проценти споредено со истиот период од  2020 година.

Дополнително, согласно официјалните статистички податоци, просечната нето-плата во државата континуирано расте. Така, во месец јуни 2021 година, просечната нето-плата по вработен изнесуваше 28 784 денари, или нешто повеќе од 460 евра.

Но, и покрај видливите знаци за оптимизам за блиска иднина, во економијата нештата можат да се променат многу брзо. Во последно време Европа, а и целиот свет ги зафаќа страв од инфлација, којашто е резултат на структурни и слични поместувања во пост-ковид периодот, но и високата и нестабилна цена на електричната енергија.

Таквите движења може да бидат „увезени” и во Северна Македонија. Ние сме на отворен пазар. Владата  е посветена на водење координирана монетарна и фискална политика и останува да биде присутна за интервенирање во случај на евентуални ценовни шокови.

Почитувани,

Дозволете ми сега да се осврнам малку повеќе и на основната тема на овој самит.

Прво и најважно, упатувам директна порака до сите инвеститори да инвестираат во Северна Македонија.

Со неколку зборови ќе ја аргументирам таа моја порака.

Масовната имунизација и закрепнувањето на глобалната економија веќе имаат позитивно влијание врз побарувачката за македонскиот извоз.

Во таа смисла, согласно анализите на трите квартали од ова година, во Технолошко индустриските развојни зони во Северна Македонија е  регистрирано видливо повисоко ниво на економска активност споредено со истиот период во последните четири години.

Само во третиот квартал извозот изнесува 696 милиони евра, што е највисоко ниво во истиот период во последните четири години.

Дополнително, во периодот од јануари-септември оваа година, извозната активност во индустриските зони достигна 2 милијарди и 234 милиони евра, што е за 39 проценти повеќе од истиот период во 2020 година.

Во однос на 2019 година порастот изнесува повеќе од 9 проценти, односно 26,6 проценти споредено со 2018.

Нашите очекувања се дека тој тренд ќе продолжи до крајот на годината, со што, според проценките, извозот може да достигне скоро 3 милијарди евра на годишно ниво, што ќе биде рекордно ниво досега.

Покрај тоа, согласно статистичките податоци, вредноста на вкупниот извоз (покрај извозот од „зоните”), во периодот јануари – август 2021 година, изнесува 4,6 милијарди евра.  Тоа претставува пораст од 31,5 проценти во однос на истиот период минатата година.

Ова се аргументи и докази дека излегуваме од кризата.

Покрај постепеното закрепнување на глобалната економија, наведените позитивни трендови се резултат и на новиот концепт на Владата за привлекување на инвестиции во ТИРЗ-овите, и воопшто на инвестициите во Северна Македонија.

Тој се базира на анализа на 10 годишни инвестициски планови, врз основана на што се проценува капацитетот на компанијата и инвестицијата, па се подготвува индивидуализиран пакет за поддршка од страна на Владата. Ефектите од владините економски политики за поддршка на инвестициите, како и за зголемување на конкурентност на компаниите се евидентни.

Во 2017 година, кога го донесовме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, имаше 27 договори за поддршка на домашните и странските компании. Сега има 245 договори со компании кои веќе имаат инвестициски циклус од над 150 милиони евра.

Само во 2021 година до денес се прегледуваат 150 нови барања за поддршка на инвестициски циклуси, и верувам дека повеќе од 110 од нив ќе бидат потврдени.

До средината на октомври, кога треба да заврши процесот за оваа година, ќе имаме 380 активни договори за поддршка на инвестиции од домашни и странски компании надвор од инвестициите во ТИРЗ. Кога ќе ги додадеме и нив, добиваме број од 420 компании кои влегле во инвестициски циклус.

Важно е и тоа дека инвестициските циклуси на компаниите не се едногодишни, туку сите се за период од пет до десет години.

Исто така, охрабрува и фактот дека бројни компании што инвестираат, го зголемуваат и бројот на вработени и го прошируваат производството.

Сето тоа е резултат на предвидливата бизнис клима во државата. Од друга страна, но секако не и помалку важно, е тоа дека владиниот економски тим континуирано и посветено работи на подготовка на планови за идниот среднорочен развој на државата.

Во таа смисла, донесениот Интервентен план за инвестиции 2021-2027 година, во вкупен износ од 8,9 милијарди евра, ги опфаќа сите инвестиции што се планираат да отпочнат во државата, вклучувајќи ги и приватните инвестиции на домашните и странски инвеститори.

Вложуваме во инфраструктура, патишта, училишта, спортски и здравствени објекти,  и сето она што има трајна вредност за граѓаните и влијае на подобрување на економијата.

Со тоа сме директна поддршка и на целата економија.

Нашиот фокус е насочен кон енергетика, дигитализација и инвестиции во напредни технологии, како и развој на сите сектори и индустриски гранки.

Ја имаме и најголемата инвестиција во историјата на македонската економија вредна над 500 милиони евра на германската компанија Ви-Пи-Ди. 69 ветерници ќе бидат поставени на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце – Крива Паланка, кои ќе создадат над 400 мегавати струја од македонскиот ветер. Ветерниот парк ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во Северна Македонија и најголем ветерен парк во Западен Балкан.

Комплементарен на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027, е и подготвениот План за заздравување и финансирање на забрзан раст.

Овој план ќе ја потврди констатацијата дека Северна Македонија е земја со предвидливи услови и клима за инвеститорите, бидејќи ги содржи основните аспекти кои се од примарна важност за домашните и странските инвеститори.

Планот е приказ на изворите на финансирање, областите и секторите во кои ќе се инвестира, финансиски инструменти атрактивни за инвеститорите, целосна мапа за реализација на истиот, но и мерки за реализација, ублажување и управување со евентуалните ризици при имплементација.

Почитувани пријатели,

Се надевам дека бев убедлив во тврдењето дека инвестирањето во Северна Македонија е исплатлив деловен потфат.

Покрај наведеното, гледајќи кон иднината, во Северна Македонија се планира поддршка и на таканаречените „зелени инвестиции”, на дигитализацијата, а посебно на зајакнувањето на здравствениот и образовниот систем, како основи за развој на човечкиот капитал.

Нашата зацртана патека треба да не води кон градење на еднаква, инклузивна и одржлива економија.

Овој значаен настан денес го доживувам како уште еден чекор за подобрување и унапредување на политиките базирани на докази и истражување, пријателство и соработка кои се витални за Владата и кои треба да бидат применливи за сите владини политики.

Убеден сум дека сме на добар пат да ги оствариме”.

На Самитот на засебни панел сесии ќе учествуваат и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министрите за економија Крешник Бектеши, за финансии Фатмир Бесими, за надворешни работи Бујар Османи, како и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

На Самитот во организација на лондонски „Економист” е предвидено да говорат високи претставници од светската, европската и регионалната политика, од меѓународните финансиски институции и компании, владин и невладин сектор и академската сфера, како што се актуелниот заменик-помошник на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар, актуелниот претседател на Трансатлантскиот центар при Германскиот Маршалов Фонд на САД, Јан Лесер, шефот на одделот за Адриатик при Европската инвестициска банка, Матео Ривелини, поранешниот заменик-државен секретар на САД, Џон Негропонте, поранешниот германски вицеканцелар и министер за надворешни работи, Јошка Фишер, и други гости.

Треба да знаете
Последни објави