Шилегов доби поддршка од градоначалникот на Љубљана

Градоначалникот на Љубљана, главниот град на Словенија, Зоран Јанковиќ, со видеопорака во пресрет на локалните избори в недела, го поддржа актуелниот градоначалник на Град Скопје и кандидат од СДСМ, Петре Шилегов.

„Драг колега Петре, ти посакувам сè најдобро на овие избори. Градоначалничката работа не е лесна, но ако ја работиш посветено и со љубов, како што ти знаеш, тогаш успехот е неизбежен“, вели во пораката Јанковиќ.

Јанковиќ, на кого ова му е трет мандат на градоначалничката позиција во Љубљана, важи за еден од градоначалниците со најмногу спроведени зелени политики во Европа и човек кој во текот на годините успеа да ја трансформира Љубљана во еден од најзелените градови во Европа.

Љубљана во 2016-та година, додека Јанковиќ е градоначалник, беше избрана за носител на титулата Зелена престолнина на Европа, од страна на Европската комисија. Јанковиќ е одговорен што Љубљана воведе целосна трансформација од град во кој доминира автомобилскиот сообраќај, во град со многу зеленило, пешачки и велосипедски патеки.

Во време на Јанковиќ градот прави значителен напредок во управувањето со отпад и целосно се посветува на политиката за нула отпад. Три четвртини од целата територија на Љубљана се зелени области, каде во изминатата деценија се изведени 5 нови паркови и засадени се над 2000 дрва.

„Среќно и се надевам дека ќе бидеш и во иднина мој колега – градоначалник на Скопје“, завршува Јанковиќ.

 

Треба да знаете
Последни објави