Портпаролот за надворешна политика на Европската комисија, Петер Стано, даде објаснувања за изјавата на Борел за инцидентите на северот од Косово, истакнувајќи дека целта не е да се покажува со прст кон едната или другата страна. Реакцијата на шефот на ЕУ дипломатијата, Жосеп Борел, предизвика несогласувања кај делови од јавноста поради фактот што тој зборуваше за “унилатерални акции” во случај на операција на борба против организираниот криминал во цело Косово, вклучително и северот, каде тензиите се високи.
Запрашан зошто Борел зборува за унилатералност и некоординираност за оваа операција, која предизвика немири на северот, портпаролот Стано денеска на редовниот брифинг за новинари објасни дека високиот претставник за надворешна политика се повикува на “поширокиот контекст”.
-Контекстот на тоа што се случува на северот на Косово е поврзано за поширокото прашање меѓу Косово и Србија и станува збор за координација ако една страна одлучи да направи нешто во дел со специфични атрибути како што е северот на Косово, вообичаената пракса е да се има блиска координација со меѓународната заедница, со КФОР, и со колегите од другата страна, изјави Стано.
Портпаролот додаде дека реакцијата на Борел не се однесувала на самата полициска операција против шверцерите.
-Ситуацијата во тој дел на Косово е нестабилна и сѐ што се прави на овој дел од територијата треба да се земе предвид, рековме минатиот пат дека секое унилатерално дејство треба да се избегнува за да се избегнат конфронтации, рече портпаролот на Европската комисија.
За ЕК е важно двете страни да се координираат во секое време, а коментарот на Борел не се однесува на суштината на борбата против корупцијата, уверува Стано.
-Тоа што се случи вчера е резултат на одредени дејствија кои не беа координирани, рече Стано и додаде дека „не може да се сведува реакцијата на самата полициска операција, туку дека станува збор за сеопфатно прашање кое редовно се враќа на сцената”.
Европската комисија уште еднаш ги повика двете страни да го користат бриселскиот дијалог за да ги решат сите прашања.