Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешниот онлајн состанок со претставниците на Данската администрација за ветеринарство и храна, на Ново Нордиск, УНИЦЕФ и со Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на Стево Пендаровски, потенцираше дека е почнат процесот на ревидирање на правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките.
Состанокот е на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, а се разговараше за унапредување и подобрување на исхраната на децата во градинките.
Процесот на ревидирање на правилникот се одвива во соработка со компанијата Ново Нордиск, а истиот е поддржан од УНИЦЕФ.
-Целта на денешниот состанок беше Данската администрација да го сподели своето искуство и водичот за поздрава храна во градинките, кој е направен врз основа на Официјалните упатства за исхрана – добро за здравјето и климата, а благодарение на Ново Нордиск, водичот е достапен на македонски јазик, соопштија од Министерството за труд и социјална политик.
Според министерката Шахпаска, правилната исхрана на децата во градинките, создавањето на здрави навики уште од најмала возраст е од исклучително значење за понатамошниот здрав и правилен раст и развој кај децата.
-Во процесот на ревидирање на правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките вклучени се експерти, секој во својата област и придонесот што ќе го дадат во овој дел верувам дека ќе биде од големо значење, рече министерката.
Од Министерството соопштија дека покрај ревидирање на правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките, предвидена е и едукација на децата, родителите и вработените во градинките со цел обезбедување на поголема грижа и превенција на здравјето додека престојуваат во градинките, но и во секојдневнoто живеење.