Британски пратеник е избоден со нож до смрт додека бил на состанок со гласачи, соопшти британската полиција.
Британскиот пратеник од редовите на конзервативците, Дејвид Ејмс, кој имал 69 години, е избоден денеска додека во методистичката црква имал состанок со гласачи. За време на состанокот во црквата влегол човек и го избол пратеникот, соопшти полицијата. Итните служби се обиделе да му помогнат на пратеникот, но тој починал на местото на настанот. Ејмс е вториот британски пратеник убиен во последните пет години.
Напаѓачот, дваесет и петгодишен маж, е уапсен под сомнение за убиство. Кај него бил пронајден нож.
Ејмс беше пратеник од 1983 година. Тој бил женет и татко на пет деца.
Политичари од различни партии велат дека се шокирани од настанот, а лидерот на Лабуристичката партија Кир Стармер на Твитер напиша дека тоа е „ужасна и длабоко шокантна вест“.
Во 2016 година, во Британија беше убиена пратеничката од Лабуристичката партија Џо Кокс пред библиотека во Западен Јоркшир.