Невремето кое ја зафати вчера Грција предизвика материјални штети со стотици поплавени домови во Атина. Спасувачки екипи користат хеликоптери за да ги спасат луѓето заробени на покриви од згради во поплавените и оддалечени области на северозападниот остров Крф, изјави министерот за цивилна заштита и климатски промени Христос Стилијанидес.
-Нема сомневање дека се соочуваме со опасен временски феномен кој е многу сериозен во некои делови на земјата, рече тој. На островот Евија, во август беа евакуирани најмалку три области погодени од шумски пожари.
Неколку десетици луѓе се евакуирани од домовите на северот на островот Евија. Пожарите кои летово беснееја во северниот дел на Евија ја направија областа подложна на поројни поплави.
Невремето го погоди главниот град на Грција и други делови на јужна Грција, предизвикувајќи прекини во сообраќајот и затворање на патиштата. Противпожарната служба доби повеќе од 300 повици за испумпување вода од поплавените домови, соопштија властите.
Десетици возила останаа блокирани на поплавените патишта и луѓето во нив беа принудени да си заминат. Поројниот дожд, исто така, го наруши јавниот сообраќај, но летовите до меѓународниот аеродром во Атина не беа засегнати.
Училиштата во Атина, Евија и регионот на северна Грција во близина на Солун денес ќе бидат затворени. Времето се очекува да се стабилизира во сабота.