Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким во објава на Твитер, наведува дека за лицата прогласени за „персона нон грата” не се преговара и дека никој не треба да тврди дека е „посредник”.
– Определувањето кој ќе биде непожелен, не подлежи на „преговарање” и никој не смее да тврди дека е „посредник”. Оние што се одредени како непожелни може да обвинуваат за заговори, но фактите се непобитни. Претседателот Бајден јасно стави до знаење дека Америка ќе бара сметка за оние што се вмешани во корупција, се наведува во објавата на Ким.
Реакцијата на амбасадорката следува по обвинувањата во континуитет, од страна на поранешниот албански претседател и експремиер Сали Бериша, дека неговото прогласување за непожелен, од страна на САД е договор меѓу лидерот на демократите Љуљзим Баша и премиерот Еди Рама и оти нема никаква основа за тоа.
Покрај Бериша и неговото семејство, за непожелни во САД се прогласен и поранешниот главен државен обвинител Адриатик Лала и семејството, како и Том Доши, бизнисмен и лидер на Социјалдемократската партија
И Бериша и Доши на парламентарните избори на 25 април беа избрани за пратеници. Доши се откажа од мандатот веднаш, додека Бериша даде заклетва во парламентот, но потоа Баша го исклучи од пратеничката група, по барање на Ким.
Адриатик Лала на почетокот на минатиот месец ја напушти земјата пред Апелација да му ја потврди изречената казна, а деновиве по него е распишана меѓународна потерница.