„Маратон на љубовта“ истрчан во чест на Тоше Проески

Во чест на балканската музичка ѕвезда, Тоше Проески, кој на денешен ден пред 14 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб, традиционално се одржа меморијален маратон од Хрватска до Крушево.

Петмина ултрамаратонци пред два дена го започнаа симболичното истрчување на 15 километри од Нова Градишка, од местото на трагедијата, а уште 10 ултрамаратонци, својот маратон до Крушево и до Гумење го започнаа утредента, на 15 октомври, од граничниот премин Табановце, преку Скопје до Крушево.

Ултрамарантонците, кои крушевчани ги пречекаа со црвени рози, се поклонија во спомен обележјето на Тоше на Гумење.

По повод 14-годишнината од загинувањето на Тоше Проески, во Крушево од изутринава пристигнаа и негови следбеници од земјава и од Хрватска, Бугарија и Русија. Дел од нив, ултрамаратонот го нарекоа „Маратон на љубовта“, јави МИА.

Тоше загина на 16 октомври 2007 година на 26 годишна возраст. Зад себе остави богата музичка кариера и беше познат по неговиот „ангелски глас“, харизма и хуманост. Да беше жив, денеска ќе имаше 40 години.

Во својата десетгодишна музичка кариера има снимено десетина албуми, а неговите песни се популарни низ целиот регион.

Треба да знаете
Последни објави