На првата прес-конференција по завршувањето на гласањето за локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ преку пратеникот Миле Лефков излезе со обвинувања кон власта за низа изборни нерегуларности, но и со оптимизам дека ќе има добар резултат по пребројувањето на гласовите.
-Дозволете најпрвин во име на ВМРО-ДПМНЕ да се заблагодарам на сите граѓани на Република Македонија кои излегоа на изборите, ја сфатија важноста на моментот на носење на одлука и гласаа по свое лично убедување. Воедно како партија имаме почитување и кон оние кои не гласаа во првиот изборен круг, но сме убедени дека во вториот изборен круг ќе ја дадат поддршката за опцијата која носи промени, надеж и нова иднина. А сега околу самиот изборен ден, на власт во државата имаме гарнитура која е потопена во криминал и корупција, соодветно на тоа имавме избори каде забележавме нерегуларности, нарушувања на изборниот процес и коруптивно делување на власта.
Па така во текот на вчерашниот и завчерашниот ден забележавме
1. Кршење на изборниот молк,
2. Заплашувања, притисоци и уцени од страна на носители на јавни функции, поедини министри, злоупотреба на државни ресурси за партиски цели.
3. Имаме отворени сомневања за поткуп во Прилеп, Велес, Битола, Делчево, Демир Капија, Неготино, Охрид, во делови на Скопје.
4. Брутален физички инцидент на напад врз новинар и медиумски работници во Прилеп,
5. Во 21 век имаме информации за бугарски воз. Информации за полнење на кутии во Сарај, за ова и поднесовме приговори.
Демократијата во Македонија ја загрозува Зоран Заев, неговата лакомост по пари и фотелја, ништо повеќе од тоа.
Но, она што е навистина позитивно, е што народот денес излегуваше и зад параванот заокружуваше нова иднина. Нема да предвидувам точни резултати, ќе почекаме тие да пристигнат, но она што очекуваме се добри резултати, во многу општини ќе водиме, и ќе победиме. Очекувам народот да ја препознае шансата која стои на располагање, да донесеме надеж и заеднички да градиме нова иднина.