Оскаровецот Адријен Броди вели дека неговата улога во „Пијанистот” целосно го променила неговиот живот и му дала „ниво на емпатија”, што го има и денес, пренесува „Скрин рент”.
Броди освои Оскар за најдобра машка главна улога на 29-годишна возраст за „Пијанистот” во 2003 година, со што стана најмлад глумец што победил во оваа категорија. Оттогаш, тој се појави во многу големи холивудски проекти како што се „Кинг Конг” и „Полноќ во Париз”, како и во хит ТВ-серијата „Пики Блајндерс”. Тој е чест соработник на Вес Андерсон и ќе се појави во претстојната продукција на американскиот режисер „Француски диспечер”.
„Пијанист” е заснован на истоимената автобиографија од 1946 година, на полско-еврејскиот пијанист и композитор Владислав Спилман (игран од Броди) за неговиот живот во нацистичка Полска за време на Втората светска војна. Филмот во суштина е приказна за преживување во руинираниот град Варшава, каде што главниот лик добива помош од пријатели и странци, вклучувајќи германски капетан кој му се восхитува на пијаното. Филмот освои и Оскар за најдобро сценарио и најдобра режија, на Роман Полански.
За Броди, одговорноста да го глуми овој лик имала многу длабоко влијание врз него.
– Освен очигледните придобивки за мојата кариера, тој филм ме промени како личност, како млад човек. Ме натера да разберам многу и да сфатам колку работи ги земав „здраво за готово”, вели тој.
Американскиот глумец открива и како емпатијата со човек кој изгубил сѐ, му дала „ниво на сочувство” што го има и денес.
Јасно може да се види дека Броди ги остава срцето и душата во „Пијанист”. Тој отиде во крајни граници за да се претвори во полски пијанист преживеан од холокаустот. Како резултат на процесот на преобразба, Броди го напуштил својот стан, го продаде својот автомобил и го исклучи мобилниот телефон, меѓу другото… Ова е доказ за неговата посветеност на она што секако – беше улогата на неговиот живот.