Заев, Маричиќ и судијата Нанев: Нема веќе чекање по шалтери, граѓаните ќе можат да ги извадат потребните документи од судовите за неколку минути

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги претставија резултатите од процесот на системска дигитализација на судството.

Во оваа пригода премиерот Заев истакна дека дигитализацијата е меѓу врвните приоритети со кои се затвораат одделни теми од владината „Акција 21″ и „Европа дома” и порача дека овој процес треба да биде приоритет за сите министри, директори, градоначалници, како и за сите одговорни луѓе во правосудството и другите општествени дејности кои вршат сервиси за граѓаните.

„На овој начин граѓаните заштедуваат време и пари. Нема повеќе чекања по шалтери ниту патувања по други градови за да се добие документот. Од денес по електронски пат ќе се вади потврда од казнената евиденција. Набрзо ќе се почне и со услугата за потврда за кривична, како и уверение дека против лицето не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Сите овие уверенија им се потребни на граѓаните за вработување, доколку сакаат да добијат виза или работа во странство, како доказ дека немаат сторено кривично дело. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер, ќе мора да има ваква потврда. Сите овие нови услуги ќе бидат достапни на сајтот е-услуги”, истакна премиерот.

Со ова, како што рече, заминуваат во историја постапките за вадење на потврди од казнена евиденција во хартиена форма за кои беше задолжително физичко присуство во надлежниот суд според местото на раѓање.

„Со приклучувањето на судовите на Националниот портал за услуги, граѓаните повеќе немаат потреба да губат по неколку часа за да го подигнат документот што им е потребен, туку сега го добиваат за три минути. Овие потврди се првите електронски документи создадени согласно закон, кои ги издава судската власт. Со оваа активност судот започна да ја применува регулативата на ЕУ, односно нејзината национална транспозиција со Законот за електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги и со тоа се приклучи во практичната примена на Националната платформа за интероперабилност. Пресметките се дека со воведување на овие услуги, судовите ќе направат заштеди изразени во милиони евра, кои ќе можат да ги инвестираат во генерално подобрување на нивната работа”, истакна премиерот Зоран Заев.

Тој најави дека ова е почеток на дигитализацијата на услугите за граѓаните што ги добиваат преку судскиот систем по што ќе следува и опремување на стотици судници во земјата и воведување најсовремена информатичка технологија во сите 34 судови во земјата. Како што рече, дигитализацијата на правосудниот систем ќе го минимизира човечкиот фактор во дел од процесните дејствија и во пракса нема да имаме повеќе случаи од преку 3.000 недоставени пресуди и максимално ќе се елиминираат изговорите за застареност за гонење.

„Сакам да ве потсетам дека како дел од овој процес за системска дигитализација се усвоија и измените на Законот за личната карта, Законот за матичен број, Законот за државјанство на Република Северна Македонија, Законот за личното име, Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија и Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните”, подвлече премиерот.

Со реализација на активностите предвидени со дигитализацијата, како што рече, се создава и механизам за спречување на корупцијата, кој ќе обезбеди намалување на човечкиот фактор а ќе се подобри и начинот на кој  граѓаните комуницираат со институциите

Министерот за правда Бојан Маричиќ изрази задоволство од првите резултати од макотрпната работа на овој исклучително важен процес.

„Од денес на граѓаните ќе им бидат потребни буквално неколку минути да добијат уверение од казнена евиденција. Набрзо истото ќе можат да го направат и за изводите од кривична евиденција. Се работи на трета услуга, односно дигитално издавање на уверение дека против лице не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Начинот е брз, а процедурата едноставна и сигурна. Анализите покажуваат дека со воведувањето на информатичката технологија заштедите на судовите ќе бидат огромни. Ќе се штеди на ресурси и хартија. Токму затоа дигитализацијата има и еколошка димензија, а во светот овие процеси се дел од таканаречена зелена-дигитална трансформација на општествата”, истакна министерот за правда Маричиќ.

Тој подвлече дека дигитализацијата на судството е само почеток на процесот на осовременување на услугите кон граѓаните по што ќе следува вградување на современа информатичка технологија во сите 34 судови во земјава со што ќе се обезбеди и судење на далечина, но и ќе се овозможува видеозапис од судењата.

„За успешноста на овој процес сакам јавно да се заблагодарам на Врховниот суд и Министерството за информатичко општество, а ќе ја продолжиме соработката  и со нашите стратешки партнери Соединетите Американски Држави кои дадоа голема поддршка за процесот за дигитализација на судниците ширум земјата но и со ОБСЕ и Норвешката влада”, подвлече министерот за правда Маричиќ.

Судијата Нанев, како претседател на работната група за дигитализација на судството, истакна дека дигиталните услуги за издавање на уверенија се однесуваат на физички и на правни лица и ги опфаќаат сите основни судови кои постапуваат по кривични и прекршочни предмети.

„Услугата овозможува електронско поднесување на барањето, електронско плаќање преку платежна картичка и електронско добивање на уверението во ПДФ формат со бар код  – сертификат што подразбира поврзување на документот со електронски потпис и електронски печат на судот издавач на документот со кој се потврдува веродостојноста на документот. Користењето на дигиталната услуга е едноставно, брзо и лесно. Корисникот преку националниот портал за услуги https://uslugi.gov.mk/ се најавува со корисничко име креирано за добивање и користење на услугите на УЈП”, појасни Нанев.

Покрај излагањата на говорниците, на прес-конференцијата имаше и кратка презентација на процесот за електронско добивање на извод од казнена евиденција.

Треба да знаете
Последни објави