На околу 500 дипломирани студенти од Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) од академските години 2019/2020 и 2020/2021,на свечена манифестација која се одржа во Кампусот на Универзитетот им беа врачени дипломите за завршено високо образование на додипломски и постдипломски студии. На свеченоста присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, амбасадорот на Република Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, ректорот на МБУ, проф. д-р Мемет ДурсунЕрдем, Претседателот на Управниот одбор на Универзитетот, АјдованАдемоски, како и други гости. Поздравувајќи ги дипломираните студенти, вицепремиерот Битиќи истакна дека дипломираните студенти треба да бидат горди на постигнатото, бидејќи успешно завршиле дел од својот живот.
„Вие инвестиравте во образованието, најпрофитабилната долгорочна инвестиција. Од мое лично искуство, можам да потврдам дека секоја инвестиција во образованието, секоја прочитана книга, секоја конструктивна дискусија, секој вид формално или неформално образование,помага да се изградите. Доброто и квалитетно образование ги насочува младите како да размислуваат, како правилно да функционираат, им овозможува да носат добри одлуки, само преку образованието можеме максимално да го искористиме својот потенцијал и да имаме услови за благосостојба и убав живот“, рече тој.
Ректорот проф. д-р Мехмет ДурсунЕрдем, истакна дека институцијата со која раководи продолжува да расте во регионот и додаде дека според критериумите од Шангајската листа, МБУ е најдобриот универзитет во Северна Македонија, а прв е и во програмите „Еразмус” и „Еразмус +“. „Нашиот универзитет е во потрага по совршеноста за иднината. Ова е иновативен и модерен универзитет кој се базира на универзални вредности“, истакна ректорот Ердем и додаде дека МБУ, покрај Турција, е признаен и во Европа и во Америка. Претседателот на Управниот одбор на МБУ, АјдованАдемоски, им честиташе на дипломираните студенти за постигнатиот успех. Тој изјави дека со цел да се подобрат условите за студентите, идната година ќе почне изградба на студентски дом во рамките на универзитетскиот кампус. „Би сакал да информирам дека во 2022 година почнуваме со изградба на нов студентски дом со капацитет за 500 лица, кој ќе биде вистински втор дом за сите студенти“, соопшти Адемоски.