„Сквид гејм“ (Squid Game), најголемото лансирање на оригинална серија на „Нетфликс инк“, се проценува дека вреди речиси 900 милиони долари за стриминг-гигантот, објави „Блумберг њус“ доцна во саботата , повикувајќи се на бројки од внатрешен документ на компанијата.
Трилерот со девет епизоди, во кој натпреварувачи играат детски игри со смртоносни последици во обид да освојат 45,6 милијарди вони (52 милиони американски долари), стана меѓународен хит, откако беше лансиран минатиот месец.
Во споредба со проценетата нето-вредност, продукцијата на серијата чинеше само 21,4 милиони долари, тврди „Блумберг“.
Според извештајот, околу 132 милиони луѓе гледале најмалку две минути од серијата во првите 23 дена, со што лесно го срушија рекордот поставен од драмата „Бриџертон“, која беше стримувана од 82 милиони претплатници во првите 28 дена.
Нетфликс претходно објави дека серијата собра 111 милиони фанови, но „Блумберг“ вели дека тие бројки се базираат на малку постари податоци, што значи дека гледаноста сигурно се зголемила во меѓувреме.
„Нетфликс инк.“ одби да го коментира извештајот. Адвокат на компанијата за Блумберг рече дека би било несоодветно за Блумберг да ги открие доверливите податоци содржани во документите кои ги прегледал.