Барање до Турција, „доследно и искрено, да се воздржи од провокации и еднострани дејствија што го кршат меѓународното право, вклучително и вознемирување грчки и кипарски истражувачки бродови”, упатуваат Грција, Египет и Кипар во заедничката декларација по деветтиот трилатерален самит на највисоко ниво и, меѓудругото, ја истакнуваат важноста на почитувањето на суверенитетот и суверените права, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателите на Египет и Кипар Абдел Фатах ал-Сиси и Никос Анастасиадис и премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис денеска одржаа состанок во Атина, а по средбата во заедничката декларација, опфаќаат низа теми од заеднички интерес како што се кипарското прашање, електричното поврзување, климатските промени, пандемијата, миграцијата, но и случувањата на Блискиот Исток, во Авганистан и Либија.
Пишуваат дека била разгледана досегашната соработка и постигнат важен напредок, а била изразена и силна решителност да продолжат тесно да работат за прашањата од заеднички интерес „зајакнувајќи ги мирот, безбедноста и стабилноста во регионот”.
Во однос на кипарското прашање, повторно ја потврдиле силната поддршка за праведно, целосно и одржливо решение согласно резолуциите на ОН и ја истакнале потребата одново да започнат преговорите.
За нелегалната миграција, истакнуваат дека со оглед на тоа што Грција, Кипар и Египет се на крстопат меѓу три континенти се погодени од нелегалните бранови, и затоа, ја нагласиле потребата за координирана активност согласно со меѓународното право.
-Нагласивме дека инструментализацијата на миграцијата за геополитички цели е нехумана и ги крши човековите права. Иако сме решени да се бориме против нелегалната миграција, ја препознавме вредноста на воспоставување легални миграциски патишта, пишува во декларацијата.
Мицотакис, Анастасиадис и Сиси, истакнуваат дека заедничките предизвици и случувања во Медитеранот и поширокиот регион„ бараат стратешко партнерство помеѓу Египет и ЕУ”.
-Посветени сме на проширувањето на соработката ЕУ- Египет во клучните политички области засновани на Заедничкото соопштение и Заклучоците на Советот за обновено партнерство со Јужното соседство – нова агенда за Медитеранот. Приоритетите на новото партнерство мора да придонесат за исполнување на очекувањата на луѓето од двете страни на Медитеранот, пишуваат тројцата лидери во заедничката декларација и додаваат дека свикувањето на Советот за асоцијација ЕУ- Египет до крајот на оваа година „ќе биде силна и опиплива порака за зголемена вклученост и соработка на Унијата со Каиро”.
Дополнително, се согласиле дека климатските промени треба да бидат основниот елемент на нивната агенда за соработка, а за пандемијата се согласиле дека е потребна континуирана и координира активност во борбата со Ковид-19.
Следната трилатерална средба ќе се одржи во Египет во втората половина на 2022 година.