Олимпискиот оган е подготвен да го започне патувањето од Атина за Кина за да стигне на Олимпискиот стадион во Пекинг за свеченото отворање на 24-те зимски олимписки игри. Уникатниот оган ќе ја пренесе пораката на мир и пријателство, рече претседателот на грчкиот олимписки комитет Спирос Капралос на свечената церемонија во Атина, кусо, пред олимпискиот оган да му го предаде на потпретседателот на организацискиот комитет „Пекинг 2022″Ју Зајчин.
Олимпискиот оган што вчера беше запален во античка Олимпија, денеска им беше предаден на организаторите на Зимски олимписки игри “Пекинг 2022”, а во текот на денот, авионски ќе стигне во Кина.
Традиционалната церемонија на античкиот олимписки стадион „Панатенаик”, каде што во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри, поради пандемијата беше без публика, а присутни беа само официјални лица и претставници на медиумите.
Олимпискиот оган во текот на вечерта беше на Акропол, а на стадионот, го внесе грчката олимписка шампионка Еви Моратиду, по што следеше штафетно предавање на уште две олимписки шампионки.
На манифестацијата во Атина, присутни беа и вицепремиертот и министри од грчката Влада, како и атинскиот градоначалник, а свои обраќања имаа претседатот на грчкиот олимписки комитет Спирос Капралос и потпретседателот на организацискиот комитет „Пекинг 2022″Ју Зајчин.
Капралос истакна дека олимпискиот оган ја помина ноќта на Акропол и оттаму „го испрати својот моќен сјај до 206 земји – членки на Меѓународниот олимписки комитет”.
– Пекинг прави историја со тоа што стана првиот град домаќин и на летните и на зимските олимписки игри. И ние сме многу среќни, бидејќи со предавањето на огнот и ние стануваме дел од оваа историја. Од овде, од стадионот Панатенаик, каде што се одржаа првите Олимписки игри од модерната ера во 1896 година, ви ја доставуваме светата светлина на Олимпизмот. Да го пренесете во вашата далечна, но убава земја, да го продолжи остатокот од патувањето, испраќајќи пораки за мир, пријателство и братство и солидарност. И можеби пандемијата не спречи да ги одржиме церемониите на олимпискиот оган во присуство на публика, но сигурен сум дека успешната и безбедна организација на Игрите, ќе биде уште една победа за човештвото против коронавирусот, рече Капралос, посакувајќи им успех на организаторите.
Претставникот на организацискиот комитет на ЗОИ, истакна дека пред 13 години, на 30 март 2008 година, олимпискиот оган за прв пат пристигна во Пекинг, а Кина, продолжува да ги промовира олимпискиот дух и олимписката култура.
– Олимпискиот оган, по втор пат ќе биде пренесе во Пекинг. Како симбол на олимпискиот дух, олимпискиот пламен ќе патува до Кинескиот ѕид и низ други делови на Кина, со што ќе донесе светлина на мирот и пријателството. Пандемијата на Ковид-19 се уште е нескротлива во светот. Според принципот секогаш да ги ставаме животите и здравјето на луѓето пред и во центарот, ќе имаме различен, но иновативен олимписки оган и штафета на Олимписки факел, која ги комбинира традицијата и реалноста, откри Зајчин.
Зимските олимписки игри во Пекинг ќе се одржат од 4 до 20 февруари.