Во Бугарија има 4.979 новозаразени со Ковид-19, според податоците во Националниот информативен систем. Oва претставува 18,6 отсто од направените тестови.
Случаите се 3.979 повеќе отколку во понеделникот. Досега се потврдени вкупно 545.598 случаи на коронавирус во Бугарија, од кои 63.241 се активни. Во последните 24 часа оздравеле 2.009 лица, додека таа бројка од почетокот на пандемијата изнесува 459.869 лица.
Бројот на нови пациенти во болниците е многу висок – 1.251, при што 89,21 отсто од нив не се вакцинирани. Важен детал е дека 84,23 проценти од позитивните примероци за тој ден не се вакцинирани. Рекорден е и бројот на починати во последното деноноќие – 214, при што 94,39 отсто биле невакцинирани против Ковид-19.
Вкупниот број на смртни случаи во Бугарија од Ковид сега изнесува 22.488. Вкупниот број на пациенти со докажана инфекција со коронавирус во болниците е 6.258, од кои 537 се на одделенија за интензивна нега.
Од почетокот на пандемијата се направени 5.114.963 тестови, а за последните 24 часа 26.780.
Во Бугарија досега се дадени вкупно 2.634.699 дози вакцини против Ковид-19.
Министерот за здравство на Бугарија Стојчо Кацаров размислува за воведување дополнителни рестриктивни мерки, од кои едната е воведување на „зелен сертификат” за имунизираните лица, кои ќе можат да посетуваат ресторани и кафулиња. Истата мерка најверојатно ќе биде воведена за лекарите, медицинските сестри, социјалните работници и наставниците, но не и за учениците.