До крајот на 2022 година ќе се спроведе реформа во буџетското сметководство и од готовинско ќе се премине на пресметковно начело, најави заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на ИПСАС обуката за сметковители во јавниот сектор организирана од страна на Центарот за извонредност на финансиите што денеска се одржа во Охрид.
– Согласно „модифицирано пресметковно начело” расходите ќе се евидентираат во моментот на настанување на деловниот настан во извештајниот период, а не во моментот на плаќање, а приходите и понатаму ќе се признаваат во моментот на наплатата. Овој концепт на евиденција ќе овозможи пореално и поажурно следење на неподмирените обврски кај буџетските корисници. Ова начело ќе го имплементираме во системот на државниот трезор преку имплементацијата на новиот Информациски систем за управување со финансиите, рече Ковачевски.
Оцени дека сметководителите во јавниот сектор имаат важна улога во секојдневната работа и процесите на донесување на одлуки на институциите, имајќи предвид дека тие известуваат, надгледуваат и ги корегираат државните финансии и обезбедуваат клучни инпути за проценка на финансиските текови и донесувањето на одлуки.
– Денес не е можно да се замисли работењето на јавниот сектор и остварувањето на неговите функции, активности и задачи, без квалитетни сметководствени информации. Затоа често се истакнува дека сметководството е деловен јазик и сите кои заземаат значајна улога во деловните процеси на јавниот сектор треба да го разбираат тој јазик. Сметководството, финансиското известување и обелоденувањето на сметководствените информации се битни претпоставки на добрата пракса на финансиското управување во јавниот сектор, истакна Ковачевски.
Обуките, според Ковачевски, се од суштинско значење за да се разберат ИПСАС стандардите во процесот на напуштање на готовинското начело на водење на буџетското сметководство и преминување кон пресметковното начело. Следната година, како што посочи, е планирана реформа на сметководствената професија која ќе опфати воведување задолжителна обука и полагање испит за вршење сметководствени работи во јавниот сектор.
– Обуката и испитот за сметководителите во јавниот сектор во организација на ЦЕФ се единствени од овој вид кои се организираат во РСМ и се со висок квалитет. Министерството за финансии, очекува соработката со CEF да продолжи во областа на обуката и сертификацијата на сметководителите, како и во процесот на подготовките за спроведување национална сертификација на сметководителите од јавниот сектор во рамки на Академија за јавни финансии, информира Министерството за финансии.