Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска ја повика Москва да престане да ја продолжува војната во источна Украина, пренесоа француските меидуми.
-Повторно ја повикуваме Русија да ја прекине окупацијата на Крим и да престане да ја одржува војната во источна Украина, да ги прекине своите дестабилизирачки акции во Црното Море и на границите на Украина, рече Остин на средбата со својот украински колага, министерот за одбрана Андриј Таран.
„Русија ја почна оваа војна и тоа е пречка за нејзино мирно решавање”, додаде тој.
Остин денеска е во Киев на разговари за напредокот во одбранбената соработка меѓу двете земји, врз основа на Стратешката одбранбена рамка, план за билатералната соработка во одбраната и политиката, објавен во Вашингтон на почетокот на септември.
Остин наведе дека неговите средби со Таран и претседателот Владимир Зеленски, втори за помалку од два месеци, се важни за изградбата на соработката меѓу црноморските држави, вклучувајќи ги и Грузија и Романија, за да се спротивстават на зголемената руска активност во Црното Море.
Одговарајќи на европската загриженост дека САД во моментов го фокусираат најголемиот дел од својот безбедносен фокус на Кина и Индо-Пацификот, Остин кажа дека „овој регион останува клучен за нас”.
Таран рече дека Украина ја задржува довербата во САД и покрај неодамнешното напуштање на Авганистан, по 20-годишната војна против талибанците.
-Не се сомневаме во поддршката на нашиот стратешки партнер, рече тој.
„САД ја разбираат важноста на борбата на Украина за независност, за спречување на руската агресија”, додаде Таран.
За време на средбата со американскиот секретар за одбрана, остварена доцна попладнево, претседателот Зеленски ја поздрави поддршката на Вашингтон, изјавувајќи дека „САД остануваат главен партнер на Украина во безбедноста и одбраната”.
„Ви благодарам на вас и на претседателот Бајден за вашата континуирана поддршка за Украина, за нашиот суверенитет и територијален интегритет”, рече Зеленски, цитиран од неговата канцеларија.
Но, Остин не одговори на желбата на Украина да премине од стратешки партнер во полноправна членка на НАТО.