„Во првиот круг од изборите за градоначалник на Скопје учествуваа дури дванаесет кандидати, секој со своја визија за развојот на градот. Драго ми е што со повеќето од нив имавме слични проекти и размислувања како Скопје треба да продолжи да се развива. Верувам дека граѓаните кои ги поддржаа нив во првиот круг ја поддржуваат политиката на напредок и развој која ние веќе четири години ја спроведуваме“, со овие зборови ја започна денешната прес-конференција градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и продолжи:
– Од денес започнува процесот на окрупнување на мојата поддршка за градоначалник на Скопје. Подавам рака до сите граѓани, политички партии и организации кои веруваат дека Скопје мора да продолжи да се развива она како што почнавме, дека Скопје мора да остане град каде граѓаните одлучуваат и дека Скопје не смее да се врати назад во времето на поделби, лажни митови и неплански развој, нагласи Шилегов.
– Скопје е слободарски и прогресивен град и така мора да остане. Јас силно верувам дека граѓаните ја препознаваат позитивната промена која ја направивме во Скопје за само четири години. Дека го препознаваат и вреднуваат трудот кој го вложивме а верувајте не беше лесно. Скопје од град во целосна стагнација во развојот за кратко време конечно тргна напред. Јас верувам дека вие граѓаните ја препознавате храброста и визијата плански и стратешки да вложуваме наместо популистички празно да ветуваме, порача Шилегов.
– Затоа, само заеднички може да го продолжиме ова што го започнавме. Скопје има сила само во единството, само во обединувањето на сите оние кои го гледаат нашиот град во заедницата на модерни, развиени градови на Европската унија. На Скопје му треба сила која обединува, а не дели, сила на просперитет, а не на лаги и митови. Со обединување на сите демократски сили Скопје ќе расте во единствена коалиција, со граѓани кои ќе учествуваат во одлуките за сите важни проекти преку системот на директна демократија, додаде Шилегов.
– Јас како градоначалник на Скопје ќе бидам само еден од вас во донесувањето на сите важни одлуки за заедничката иднина. Политиката мора да им служи на граѓаните. Тоа е платформата на која ги повикувам сите гласачи и политички партии кои го имаат Скопје во срцето масовно да излезат на изборите за победа, продолжи Шилегов.
– Ова се избори за Скопје и иднината на нашиот град и тоа не смееме да го заборавиме. Ова се избори на кои бирате како Скопје треба да продолжи напред и за тоа во каков град сакаме да живееме. И ништо друго. Сите вие кои во првиот круг решивте од кои било причини да не излезете на гласање, ве повикувам на 31 тоа да го направите, повика градоначалникот Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.