Еврокомесарот за проширување ги презентираше извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан и Турција пред европратениците и повика итно да започнат преговорите со Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Брисел.
Како што стои и во самите извештаи на Европската комисија оваа година, еврокомесарот Вархеји пред европратениците од Комисијата за надворешни работи повтори дека одлагањето на преговорите со Северна Македонија, и со Албанија, е штетно за кредибилитетот на Европската Унија.
-Работиме одблизу за да ја деблокираме ситуацијата и да го решиме проблемот за оваа тешка тема, за сега не бевме успешни но имаме надеж, до крајот на оваа година мораме да испорачаме, не смее ова да се доведе во прашање, и на нас е да испорачаме, кога велам нас, мислам на сите земјите членки на ЕУ, мислам и на Северна Македонија која е партнер во ова, патував во двете престолнини и сѐ уште сум подготвен да помогнам, но може ова да бара поголема посветеност, изјави Вархеји во Европскиот парламент денеска.
Тој додаде дека со оглед на изборните циклуси во Бугарија и во Северна Македонија овој период не помага, но дека оваа сложувалка мора да се надмине.
Вархеји ги повтори заклучоците од извештајот за Северна Македонија дека земјата покажала одлучност и истрајност во реформите вклучително и владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал и дека ова треба да продолжи, со дополнителни напори за реформата на јавната администрација.