Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, ги прими копиите од акредитивните писма на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Хосе Луис Лосано Гарсија.
Министерот Османи му посака успешна мисија на новиот шпански амбасадор, изразувајќи уверување дека со своето дипломатско искуство и личен ангажман ќе даде значаен придонес во унапредувањето на односите и доближувањето на двете држави. На средбата беше изразено заемно задоволство од динамичниот и континуиран политички дијалог меѓу Република Северна Македонија и Кралството Шпанија, можностите за
продлабочување на економската соработка и поддршката во мултилатералните организации.
Соговорниците разговараа за европските перспективи, регионалните предизвици, како и за внатрешно-политичките случувања во државата. Исто така, на средбата стана збор и за одржувањето на следниот НАТО Самит во Мадрид, следната година во јуни што воедно претставува одлична можност за консолидација и зајакнување на политиките на Алијансата, но и за потврда на заедничките заложби кон градењето глобален мир и безбедност.
Амбасадорот Гарсија искажа подготвеност да го продолжи градењето блиски релации преку континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Шпанија ќе продолжи гласно и активно да ја поддржува Северна Македонија на европскиот пат, упатувајќи порака дека неговата земја останува поборник за членство на земјата во Европската унија.