Стратешка цел останува целосна интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, истакна портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите и додаде дека очекуваат стратешка дискусија на шефовите на дипломатиите на ЕУ на состанокот во ноември.
-Целосната интеграција на Западен Балкан останува стратешка цел и како што се покажа на неодамнешниот Самит во Словенија, и ЕУ и Западен Балкан треба да ги продолжат напорите во оваа насока. Ја очекуваме стратешката дискусија на министрите за надворешни работи на ЕУ, следниот ноември. Да потсетам дека последната таква дискусија, со присуство на министрите за надворешни работи на ЕУ, како и на Албанија и Северна Македонија се одржа преку телеконференција, минатиот мај, по заедничка иницијатива на Грција и Романија, рече Папајоану.
Тој додаде дека Грција го поздравува договорот меѓу Белград и Приштина, а Атина целосно ја поддржува работата на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.