Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, кој му го предаде извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија за 2021 година.
„Претседателот Пендаровски изрази задоволство што Европската Комисија повторно го констатираше напредокот на Република Северна Македонија во исполнувањето на потребните реформи и во извештајот ја реафирмираше подготвеноста на државата за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.
Тој изразил очекување за скорешно усвојување на преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и закажување на првата Меѓувладина конференција помеѓу Европската Унија и Северна Македонија која ќе го означи почетокот на пристапните преговори, согласно препораките на Европската Комисија.
На средбата, соговорниците разговарале за клучните оценки во извештајот, којшто според претседателот Пендаровски претставува објективна слика за состојбите во државата.