Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 53-та јавна седница ја отфрли претставката за изборни нерегуларности за Локалните избори 2021, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија”, заради одлуката на Владата донесена на 111-тата седница одржана на 13 октомври со која даде согласност за договор за доделување финансиска поддршка за 160 правни лица врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, донесен на два дена пред објавување на изборите.
Од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија” на 15 октомври до ДКСК поднеле приговор во кој се содржани наводи за прекршување на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик во кои бараат да се преземат сите законски дејствија и да поведе постапка за одговорност пред надлежните органи заради тоа што по распишувањето на изборите на 6 август годинава на 111-тата седница на Владата одржана на 13 октомври годинава донесени се 160 одлуки за давање на согласност за договор за доделување финансиска поддршка за 160 правни лица врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој официјално е донесен на 4 август годинава, односно два дена пред да биде донесено решението за распишување на локалните избори.
Во образложението за одлуката од ДКСК посочија дека од објаснувањето што навремено го добиле од Генералниот секретаријат на Владата се гледа дека не е извршена исплата, а во образложението од Секретаријатот за законодавство се вели дека не е надлежен да се произнесе за склучување договори и анекси на договори согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, но се додава дека треба да се имаат во предвид законските ограничувања околу исплатата во време на избори. Согласно тоа, бидејќи нема исплата на средства и со тоа не се прекршува Законот ја отфрлиле претставката.
-Постапуваме исклучиво дали се извршени или не се извршени исплати на договорите, тоа е нашата надлежност во овој момент, со тоа што не се извршени исплати предлагам да се отфрли претставката. Дали ќе бидат и кога ќе бидат исплатени ќе следиме во наредниот период. Но, сепак согласно укажувањата предлагам да се направи анализа на сите исплати од страна на Комисијата за евалуација на Владата и како ДКСК да продолжиме со анализа и доколку е потребно да утврдиме предмет, рече членот на ДКСК Владимир Георгиев кој го работеше предметот.
Нагласи дека од Генералниот секретаријат на Владата во прилог до ДКСК бил доставен одговор од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања со табеларен приказ на сите што биле исплатени во 2020 година по Законот за финансиска поддршка на инвестиции во кој се вели дека не се работи за вонредни исплати, туку за исплати согласно законот за кој претходно се обезбедени и испланирани средства во Буџетот.
-Во прилогот се вели дека исплатата требало да биде еднократна, се врши до крајот на годинава и се однесува за инвестиции направени во 2020 година. Во еден дел се вели дека ќе се плаќа во две транши и оти ќе почне да се исплаќа и во 2022 година. Се посочува дека и самото потпишувањето на договор и анексот на договорот не значи исплата, туку таа се реализира само ако се исполнети условите, рече Георгиев.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска порача дека сите вакви примери што влијаат врз избирачкото тело ќе бидат нотирани во последниот Извештај до Собранието.
-Не е прв случај да не се прекршува Изборниот законик, а да се врши суптилно влијание. За мене е проблематично што законот е донесен во многу скратена постапка. Истите пратеници кои го донесоа Законот за спречување корупција продолжуваат да носат закони по скратена постапка. Тајмингот на негово носење непосредно пред објавувањето на изборите претставува суптилно влијание врз потенцијалните гласачи, рече Ивановска.
Како ризичен фактор беше оценето решението во Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите за смалување на просторот на Агенцијата за странски инвестиции за евалуација на договорите за државна помош и нејзино сконцентрирање во Владата.