ЕК со највисоки оценки за монетарната политика и Народната банка во Извештајот за напредокот

Во Извештајот на Европската комисија (ЕК), во којшто на годишна основа детално се оценуваат политиките и напредокот во реформите на секоја земја кандидатка или потенцијална кандидатка за членство во Европската Унија, дадени се позитивни оцени за монетарната политика и Народната банка на Република Северна Македонија. ЕК оценува дека од аспект на монетарната политика, усогласувањето со европското законодавство е во напредна фаза, а  се истакнува и дека за време на корона-кризата, централната банка успеа да ја одржи финансиската стабилност, како и да овозможи простор за значителна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Во Извештајот се нагласува и исклучителната важност на независноста на централната банка. 

„Целосно независна институција, ослободена од мешање од други власти, е од витално значење за остварувањето на улогата на централната банка, како гарант за монетарната и финансиската стабилност.” ‒ стои во Извештајот. 

Од ЕК оценуваат дека за време на кризата предизвикана од ковид-19, централната банка успеа да ја одржи финансиската стабилност и да овозможи значителна кредитна поддршка за граѓаните и за компаниите. Се наведува дека Народната банка ја намали основната каматна стапка на историски најниското ниво од 1,25%, со што ја ослободи потребната ликвидност во стопанството заради поттикнување на економската активност. ЕК посочува и дека монетарната политика е соодветна на макроекономските услови, а во Извештајот се истакнува и трендот на раст на кредитната поддршка.

 Во Извештајот се наведува дека покрај тоа што го поддржува тековното економско закрепнување, монетарната политика внимателно ги следи и зголемените инфлациски притисоци. 

Во поглавјето за статистиката, посебна оцена е дадена за статистиката во надлежност на централната банка. Европската комисија напоменува дека Народната банка ѝ е целосно посветена на примената на кодексот на статистичките стандарди и дека го подобрува својот капацитет за нивно постојано спроведување во своето работење. Како особено достигнување е издвоен фактот дека во областа на статистиката за финансиските сметки, Народната банка за првпат ги објави годишните податоци за финансиските сметки и редовно ги доставува податоците до Евростат, со подобрена методологија и покривање за одредени финансиски инструменти. Во однос на статистиката за билансот на плаќања и за директните странски инвестиции (СДИ), од ЕК нагласуваат дека Народната банка ја изготвува според најновите стандарди. 

Во Извештајот се бележи и дека Законот за платежни услуги и платни системи, чија цел е усогласување на домашното со европското законодавство, влезе во владина процедура, како и тоа дека Народната банка е во напредна фаза на подготовка на подзаконските акти. Исто така, истакнато е дека Народната банка оствари напредок и во спроведувањето техничка анализа и откривањето фалсификувани пари, преку нови методолошки алатки, како и навремена размена на податоци со националните и меѓународните институции.

 

Треба да знаете
Последни објави