Првата порака до моите партиски другари, е дека добивме „жолт картон” од граѓаните, од тоа колку ќе го послушаме нивниот глас зависи дали тој ќе стане црвен, за секој од нас и за сите нас. Почитувани граѓани, со чист образ сакам да побарам од вас да дадете шанса за земјата и општеството да продолжат да се движат кон иднината, наместо да се враќаат кон минатото. Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша јасна и заедничка цел, да се обединиме сите. Во име на се што постигнавме досега сакам да пратам јасна порака на заедничко делување, бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, истакна на денешната прес-конференција премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.
Тој упати благодарност до партнерите од владината колација кои, како што наведе, денеска во текот на целиот ден јасно порачаа дека остануваме заедно на демократскиот и европскиот пат и ги потврдија своите заложби држават да продолжи да се движи напред.
– Во овие моменти навистина значи јасно и јавно искажаната определба да бидеме обединети во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и во обезбедувањето подобра иднина за целиот наш народ.
Денеска се разобличија сите дезинформации кои ги слушавме претходните денови за наводни нови мнозинства. Денеска имаме јас потврда, имаме владино мнозинство и владина коалиција која е стабилна, обединета, коалиција која го води нашето општество напред, силна и сплотена. Продолжуваме да работиме посветено заедно за доброто на граѓаните. Но ние пред себе имаме друг предизвик, граѓаните ни упатија јасна критика, опомена, би рекол и казна, ние тој став, тој глас го слушаме, го разбираме и го уважуваме, потенцираше Заев.
Тој нагласи дека се свесни оти повеќе нема толеранција за повторување на истите грешки.
– Ние сме партија која ги слуша луѓето, а не гази врз нив. СДСМ учи, се менува, и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот за граѓаните. СДСМ од понеделникот е влезена во процес на редефинирање и унапредување на каналите за интеракција и комуникација со граѓаните. Од овој момент СДСМ постапува по насоката која ја даде народот и СДСМ се менува, заклучи лидерот на СДСМ.