Нашите поддржувачи одлучуваат слободно. Никој од нас нашите гласачи не ги носи во џебот, ниту некој има контрола врз нив, рече денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање дали се договориле со владините партнери ДУИ и БЕСА кого ќе поддржат во вториот круг на локалните избори.
– Тука се поставува и уште едно прашање: Што правиме во Долнени или Чашка, Арачиново.. Кога како коалициски партнери имаме два кандидати, нормално нашите поддржувачи одлучуваат слободно. За поддржувачите, рековме и во недела вечерта, дека никој од нас нашите гласачи не ги носи во џебот, ниту некој има конторла врз нив, рече Заев на денешната прес-конференција во одговор на прашање.
Тој додаде дека гласачите можат да ги привлечат со нивната програма или нивните кандидати, и врз основа на тоа да го бараат нивниот глас и нивната поддршка.
Заев посочи и дека инструкции можат да дадат само на нивните членови, но не и на симпатизери.
– Ние на нашите членови можеме да дадеме инструкции, на нашите активисти, тие што се определиле за СДСМ и кои во наше име ја презентираат нашата програма пред другите и бараат поддршка. Нашите симпатизери сами се определуваат на изборите, рече Заев.
Прашан за поддршката за вториот круг од локалните избори 2021 од претседателот на ЛДП, Горан Милевски, Заев рече дека се владини партнери. Слободата и демократијата, како што рече, им даде право и самостојно да настапат, да се здружат еве две партии, имаме поединци од „Шарена револуција”, независни граѓани кои настапија на изборите.
– Тоа е убавината. Вредностите во кои веруваме се нешто кое не држи заедно и ќе не држи. Тие вредности денеска беа афирмирани од сите коалициски партнери, изјави Заев.
Тој смета дека е понижување кон секој граѓанин кој дал свој глас и ќе се препознае „во повикот на Заев, Милевски или Ахмети, сега да му се каже за кого да гласа”.
– Секој граѓанин има свој интегритет и секој граѓанин знае што е најдобро, не само за себе, за својата општина, за својата земја. И апсолутно повикот за вредности во кој сите веруваме е своевиден повик до сите граѓани да се определат онака како што мислат и да се борат за својата земја, да се борат за својата општина. Четири години зависи од личностите што ги бираат, но сега, во првиот и во вториот круг зависи токму од граѓаните и од никој друг, нагласи Заев.