Превртена училница, Оценување за време на хибридна настава, Креирање интерактивни ресурси за хибридна и асинхрона настава, Како да се воведат Целите за одржлив развој во наставата, Интердисциплинарен пристап во наставата за климатските промени, Дизајнерско размислување како наставен метод за ученици од основно и предучилишно образование, Креативно учење преку игра, Превенција на осипување на ученици, Мултидисциплинарна интеграција и Градење училипна клима и култура, се десетте нови теми што ги најавува вториот серијал на ЕДУИНО-вебинари 2021.
Како што најавува SmartUp, ЕДУИНО-вебинари 2021 го проширува својот фокус кон применливото знаење, а учесниците ќе можат да го подобрат својот личен и професионален развој со помош на реномираните предавачи. Притоа, ќе добијат и два сертификата: за стекнати и за применети знаења.
Првиот онлајн ЕДУИНО-вебинар 2021 ќе се одржи на 20 октомври и за него се веќе пријавени преку 2000 учесници.. Темата е „Превртена училница – концепт, стратегии и потребни ресурси за спроведување”. Сите заинтересирани можат да го следат настанот онлајн, како учесници, преку зум платформата или на YouTube каналот на ЕДУИНО и преку видео-снимките кои ќе бидат поставени.
-Еден од највисоките приоритети на проектот ЕДУИНО е градењето заедница која вклучува едукатори, соработници и просветни работници кои континуирано вложуваат во својот професионален раст и развој, а преку тоа придонесуваат за подобрување на квалитетот на образованието во целост. Оваа година особено внимание посветивме на начинот и процедурата за стекнување на сертификатите, со крајна цел зголемување на нивната вредност. Концептот предвидува предуслов за добивање на сертификатот да бидат реализираните активности на учесниците. Овој процес е осмислен за да им овозможи на слушателите да стекнат сериозно практично искуство, вели Милена Игњатова, проектен менаџер на ЕДУИНО.
Според Перо Сарџоски, координатор на ЕДУИНО-вебинарите, овозможено е и едукаторите кои не се познаваат, меѓусебно да преземаат идеи и практики, како и заемно да се поттикнуваат во работата.
-Во концептот на ЕДУИНО-вебинарите особено инсистиравме на можноста за меѓусебно споделување на изработените активности. Тоа е возможно со нивно прикажување на интерактивна табла која специјално е дизајнирана за овој серијал предавања и која понатаму ќе биде достапна за користење, со цел едукаторите кои не се познаваат, да имаат можност меѓусебно да преземаат идеи и практики и взаемно да се поттикнуваат во работата, истакнува Сарџоски.
ЕДУИНО-вебинарите се бесплатни интерактивни неформални настани на кои учесниците имаат можност да следат предавања на актуелни, иновативни и напредни теми кои одговараат на потребите и предизивиците на наставниците, преку споделување примери од добри пракси и совети. Предавањата овозможуваат и стекнување сертификати за наставниците, воспитувачите, професорите и сите заинтересирани учесници на темите од областа на образованието, предвидува вториот серијал ЕДУИНО-вебинари 2021.
Првиот серијал, ЕДУИНО-вебинари 2020, имаше над 18.000 учесници.
-Учејќи ги новите методи и алатки, учесниците на ЕДУИНО-вебинарите, ќе имаат можност да стекнат потребни вештини за имплементирање иновативни наставни методи поддржани од новите технологии, како и да се стекнат со практични вештини за алатки кои би ги применувале во наставата, наведуваат од SmartUp.
Проектот „ЕДУИНО: Колективно подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации” е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Амбасадата на Велика Британија во Скопје, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образование (БРО) и УНИЦЕФ. Проектот го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации.