Комитетот на Претставничкиот дом на Американскиот конгрес, кој го истражува упадот во Капитол на 6 јануари, го отфрли обидот на поранешниот советник во Белата куќа, Стив Бенон, да се воздржи од сведочење.
Комитетот допрва треба да гласа за препораката Бенон да биде прогласен за виновен за непочитување на Конгресот, за одбивање да сведочи и да достави документи.
Комитетот во резолуција објавена вчера истакнува дека поранешниот советник на Доналд Трамп нема правна основа да ги одбие неговите барања, иако адвокатот на поранешниот претседател тврди дека Бенон не треба да открива информации, бидејќи е заштитен со привилегијата на позицијата во поранешна администрација.
Кога Комитетот ќе гласа за Бенон, се отвора пат за целиот Претставнички дом да одлучи за тоа, а потоа се проследува до Министерството за правда, кое ќе одлучи дали ќе поднесе обвинение.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера поднесе тужба против комитетот на американскиот Конгрес што ги истражува немирите на Капитол на 6 јануари.
Барањето на комитетот за документите е „незаконско” и „неосновано”, со цел да се малтретираат Трамп и високи членови на неговата поранешна администрација, се вели во тужбата.
Се тврди дека документите на поранешната администрација на Трамп, до кои комитетот бара пристап, спаѓаат во опсегот на т.н претседателска привилегија, правна доктрина што ја штити доверливоста на некои документи од Белата куќа. Претседателот има право да не открива некои информации пред Конгресот и судовите. Белата куќа соопшти дека наследникот на Трамп, Џо Бајден, нема да им забрани на Националната архива да ги предаде документите што ги бара комисијата, јави ДПА.
Трамп е обвинет дека ги поттикнал своите поддржувачи да упаднат во зградата на Конгресот во Вашингтон на 6 јануари. Немирите избија откако Трамп изнесе неосновано тврдење дека Бајден победил на претседателските избори со измама.