Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина (ВСТВ) денеска го назначи Миленко Кајганиќ за вршител на должноста главен обвинител на Обвинителството на БиХ, откако вчера беше донесена одлука за смена на Гордана Тадиќ од таа позиција.
Кајганиќ е обвинител од 2014 година, а пред тоа извршуваше различни полициски функции во Министерството за внатрешни работи на Република Српска и Обвинителството на ентитетот.
ВСТВ најави дека наскоро ќе објави конкурс за нов главен обвинител.
Како што пренесуваат локалните медиуми, Гордана Тадиќ беше разрешена затоа што во дисциплинска постапка против неа беше утврдено дека таа ја извршувала својата должност несовесно и ја злоупотребила својата положба. Наместо да доделува случаи на подредени обвинители преку автоматизиран систем, таа тоа го правела според сопствени критериуми. Исто така е утврдено дека не презела безбедносни мерки во рамките на Обвинителството на БиХ.
Смената на Тадиќ во текот на денот беше осудена од Хрватското национално собрание на БиХ (ХНС), како и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. Тие користеа идентични аргументи, тврдејќи дека „Тадиќ е жртва на бошњачки заговор”.