„Младински климатски самит” ќе се одржи денеска во Кино Фросина во Младински културен центар. Целта на самитот е отворање дијалог меѓу младите и претставниците од националните институции на теми поврзани со климатската акција.
По глобалните конференции „Youth4Climate – Driving ambition” во Милано и пред 26-та Конференција на ОН за климатски промени во Глазгов, УНИЦЕФ, заедно со Амбасадите на Италија, Шведска и Обединетото Кралство го поддржаа „Младинскиот климатски самит”.
За време на самитот, учесниците ќе изработат младинска климатска декларација, со која се очекува да повикаат на создавање повеќе можности и простор за вклучување на младите во климатската акција.
Како што е најавено, самитот ќе го отвори претседателот на државата Стево Пендаровски, а на панел сесиите ќе се обратат министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерката за образование и наука Мила Царовска, италијанскиот амбасадор во Андреа Силвестри, амбасадорката на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј и претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани.
Ангела Бушеска, која е една од младинските делегати и ја претставуваше земјата на настанот Youth4Climate (МладитеЗаКлимата) во Милано, на самитот ќе ги сподели своите гледишта и искуства од учеството на глобалните консултации. Пред да се поделат во работни групи за натамошна доработка на Младинската климатска декларација, младите ќе водат две панел-дискусии со национални и меѓународни претставници, на кои ќе се зборува за глобалните, европските и националните политики за климата и енергијата, а и за тоа како да се вклучат младите преку активизам, едукација, претприемништво и иновации.
Младинскиот климатски самит е иницијатива предводена од младите, поддржана од УНИЦЕФ и финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој (Сида), организирана во партнерство со Амбасадата на Италија, како земја-домаќин на Младинскиот климатски самит на ОН во Милано и Амбасадата на Обединетото Кралство, како земја-домаќин на Конференцијата на ОН за климатските промени во Глазгов.