Услугите кои ги нуди проектот „Нега за стари лица во домашни услови“ кој ги опфаќа возрасните лица над 60 години од општина Центар ќе се зголемат, најави Горан Герасимовски кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата.
Во рамки на проектот возрасните лица од општина Центар бесплатно користат медицинска нега со сертифициран негувател, медицинска сестра, физиотерапевт и социјален работник три пати по два часа во неделата. Овие услуги во следниот период најави Герасимовски возрасните лица ќе може да ги користат три часа трипати во неделата со дополнителна услуга од лекар кој ќе ги посетува еднаш во месецот.
Дополнително покрај медицинската нега возрасните граѓани ќе може да користат и административна помош која вклучува извршување на банкарски услуги или поднесување на документи во општина.
Герасимовски смета дека сите ние имаме должност да се грижиме за оние кои целиот свој живот се грижеле за нас, токму затоа најави тој возрасните граѓани се на врвот на приоритетите во општина Центар и ќе ја имаат целата негова поддршка.
Дополнително пензионерите ќе добијат и повеќе активности за социјализација и дружење во пензионерските домови. Преку разни активности пензионерите ќе го збогатуваат своето секојдневје и ќе уживаат во својата старост.