Францускиот фудбалски интернационалец Усман Дембеле кој не се прослави со игрите во дресот на шпанската Барселона најверојатно ќе биде првата звучна принова за англискиот премиерлигаш Њукасл кој по добивањето на богатиот спонзор ќе прави „дрим тим“ за новата сезона. Договорот на францускиот репрезентативец со Барселона истекува во летото 2022 година, а тимот од „Камп Ноу“ не е расположен да го продолжи, па во неколку наврати се обидуваше да го трампа својот напаѓач.
Барселона има финансиски проблеми и сигурно ќе сака да го продаде играчот за кој на Борусија Дортмунд и плати 105 милиони евра за трансферот и дополнителни 40 за бонуси. Вложените пари 24-годишниот Дембеле кој блескаше во дресот на Борусија не ги оправда на „Камп Ноу“ и затоа шпанските медиуми најавуваат дека Барселона сигурно ќе го продаде. Дембеле често се повредуваше, а за четири години настапи на само 118 натпревари за Барселона.
Усман Дембеле својата кариера ја започна во младите категории на Рен, а по сениорските настапи за францискиот клуб следеше трансфер во Борусија Дортмунд каде со своите одлични настапи осигура трансфер од 105 милиони евра во Барселона. Каталонците за неговите „услуги“ доплатија уште 40 милиони евра во бонуси.