Не постои логично објаснување зошто Албанија не започна преговори за членство во Европската унија, бидејќи ги исполни сите критериуми и има едногласност во Советот, изјави денеска за БГНЕС бугарскиот европратеник Андреј Ковачев. Според него, тоа би било „многу позитивен знак за целиот Западен Балкан“.
Европската комисија пред два дена ги објави своите годишни извештаи за напредокот на шесте земји од Западен Балкан, во кои се анализира напредокот на овие земји во текот на минатата година. Одлуката дали едната или другата страна можат да започнат преговори ја носи Советот на ЕУ со целосен консензус, а во моментов таква едногласност има само за Албанија.
Ковачев запраша зошто Тирана не ги започнува преговорите веднаш – потег што според него ќе испрати позитивен сигнал до регионот.
-Не добив логично објаснување зошто, ако има едногласност во Советот за Албанија, меѓувладината конференција со неа нема да започне веднаш, рече тој.
Од одговорите на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји стана јасно дека добрососедските односи се дел од условите за почеток на преговори со ЕУ. Тој, исто така, рече дека и Македонија и Албанија ги исполнуваат сите критериуми.
Вархеји му рече на Ковачев и дека не постои желба од страна на Советот, Албанија и Македонија да се поделат на нивниот пат кон ЕУ.
-Овде сакам веднаш да го дадам појаснувањето – сакам РС Македонија да тргне напред кон ЕУ што е можно поскоро. Тоа отсекогаш било наша желба РСМ да стане дел од ЕУ, но како што кажав на состанокот – без наследството на Тито и комунистичката диктатура. Ова наследство нема место во ЕУ. Тоа е поврзано со многу омраза, многу дискриминација, навреди, репресија. За тоа немаат место во ЕУ. Како што им објаснив на моите колеги, не станува збор за некаков банален историски спор или билатерално прашање, тоа е прашање за основните човекови права, нагласи Ковачев.
Тој повтори дека е поддржувач и помошник на сите земји на Западен Балкан за пристапување.