Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани денеска одржаа работна средба, на која се зборуваше за можна соработка во процесот на отворање на нов Дневен центар за деца со аутизам, за кој МТСП веќе обезбеди простор во Скопје.
„Поддршката од УНИЦЕФ како наш долгогодишен партнер во областа на социјалната и детската заштита би била од големо значење за реализирање на овој проект. Согласно нашите анализи воспоставувањето на Дневен центар за деца кои се соочуваат со аутистичен спектар е повеќе од потребна. Секоја помош и поддршка е добредојдена. Верувам дека заедно со УНИЦЕФ ќе ги обезбедиме најсовремените модели и искуства од развиените земји кои би ги примениле и кај нас”, рече Шахпаска.
Дневниот центар за аутизам би бил оформен според најсовремениот модел во кој ќе се практикува сеопфатен пристап за личен развој и рехабилитација, кој вклучува специјализирани третмани и услуги на децата со аутистичен спектар на нарушување. Пристапот би бил индивидуален согласно нивните потреби, но ќе дава и поддршка на родителите на децата со аутизам. Министерката Шахпаска инфомираше дека Министерството ќе се заложи и за зајакнување на постојниот Центар за деца со аутизам во Штип.
На средбата стана збор и за вклучување на децата со оштетен слух и со потешкотии во говорот во детските градинки. Тоа предвидува и обезбедување на употреба на знаковен јазик за да можат децата да бидат вклучени активно во предучилишниот воспитно образовен процес.
Од страна на претставничката на УНИЦЕФ Ди Џовани беше посочено дека ќе биде обезбедена најсоодветна поддршка за реализирањето на Дневниот центар за аутизам и за инклузија на децата со оштетен слух и потешкотии во говорот.
На состанокот се разговараше и за текот на процесот на воведување на методологијата препорачана од СЗО за проценка на состојбата и потребата на лицата со попреченост, „Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје”.