„Принципит на кој функционира Бас рапит транзит системот е совршено ист со тој на трамвај. Го избравме БРТ бидејќи сме сиромашен град и држава. Овој проект за кој зедовме кредит од ЕБРД чини 70 милиони евра, ако влезевме со шини и трамвај тоа ќе не чинеше 360 милиони евра“ кажа кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, Петре Шилегов на „Само интервју“ на Канал 5.
„Каков градоначалник би бил ако дозволам градот да може да добие соодветен транспортен систем за 70 милиони евра а јас да речам дека ќе потрошиме 360 милиони?“ запраша Шилегов.
Тој исто така додаде дека БРТ системот е популарен во сите современи градови каде што нема шински возила, а како пример го посочи и Истанбул каде што овој систем функционира за град со преку 20 милиони луѓе.
Шилегов објасни дека со БРТ системот се менува целокупниот транспортен систем на Скопје, а со отворањето и проширувањето на булеварите околу централното градско подрачје, се ослободува малиот ринг на Скопје за овие автобуси и за пешаци.