Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, денеска го повика албанскиот Парламент да го продолжи мандатот за ветинг.
По средбата со амбасадорот на ОБСЕ, Дел Монако, Ким објави на Твитер дека препораките на ОБСЕ / ОДИХР треба да се спроведат.
„Се сретнав со амбасадорот на ОБСЕ во Албанија за да разговараме за голем број прашања. Се согласивме дека парламентот треба да ја усвои уставната реформа за продолжување на мандатот за проверка. Исто така, се согласуваме дека властите и партиите треба да дејствуваат во согласност со препораките на ОБСЕ / ОДИХР за изборите”, напиша амбасадорката Ким.
Владејачката Социјалистичка партија го достави до Собранието барањето за продолжување на мандатот на телата за ветинг. Социјалистите бараат мандатот што завршува во јуни 2022 година, да се продолжи до 31 декември 2024 година, односно за 2,5 години.
На ова прашање реагираше и премиерот Еди Рама, според кого продолжувањето на реформите во правосудството не е нешто за преговарање со опозицијата, туку дека тоа мора да се направи.
Според шефот на владата, продолжувањето на мандатот за ветинг е неопходност што доаѓа како резултат на процесот што покажа „колку е вреден за отстранување на тињата од правосудниот систем”.