Девет компании доставиле понуди на тендерот за набавка на јаглен за РЕК „Битола” и за РЕК „Осломеј”. Понудите за РЕК „Осломеј” ги исполнуваат барањата за потребните количини, додека за РЕК „Битола” во најкус можен рок повторно ќе биде објавен тендер, бидејќи понудите не ги исполнуваат целосно количините што се бараа.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски денеска изјави дека се доставени пет понуди за РЕК „Битола” и осум понуди за РЕК „Осломеј”. Понуди се доставени од три македонски рудници, како и од рудници од Албанија, Косово, Русија, Турција и Босна и Херцеговина.
– Во прва фаза утврдено е дека за „Осломеј” понудите ги исполнуваат барањата за потребните количини, и понатаму во втора и трета фаза се продолжува со проценка на другите сегменти од тие понудите. За РЕК „Битола”, понудите не ги исполнуваат целосно количините кои се бараа, односно не се нудат доволни количини на јаглен. Од тие причини АД ЕСМ во најкус рок повторно ќе објави повик за РЕК „Битола” и повторно ќе бара понуди за потребните количини за овој капацитет, изјави Ковачевски.
Тој најави дека следува евалуација во втора фаза, односно ќе се направи техничка, комерцијална и економска анализа, проверка на пробните количини кои треба да се достават, а потоа ќе биде донесена одлуката за избор.