Во јавното здравство жените тешко доаѓаат до термини за ехо на дојка или мамограф особено во изминатата година и пол од почетокот на пандемијата со КОВИД-19. На одбележувањето на Месецот за борба со ракот на дојка, Здружението за борба против рак „Борка – За секој нов ден” и годинава укажа на важноста од навремени дијагностички прегледи со оглед дека се работи за болест што не може да се превенира и чиј позитивен исход зависи од раното откривање.
-Ракот на дојка не може да се превенира, може да се открие рано, а за да се открие рано треба да им овозможиме на жените да имаат навремени прегледи. Да не чекаат на листи, да не се чека за ехо преглед и за мамограф и скрининг-програмите во полн ек да почнат да се имплементираат секаде во општините. Бидејќи се појавува друг проблем – доцното дијагностицирање. Имаме пропуштено многу голем број луѓе, кои поради страв да патуваат, невакцинирани, не ги прават навреме дијагностичките процедури и ќе се јават во подоцен стадиум кога и самиот третман е многу потежок, изјави Биба Додева, претседателка на „Борка” на настан по повод Месецот за борба со рак на дојка.
Апелираше да се надмине проблемот со процедурите за термини и да се овозможи радиологот веднаш да може да даде упат за биопсија, да се почне со скрининг-програмите и, конечно, како што рече, и кај нас да почне да се применува мултидисциплинарниот пристап како еден од релевантните начини на лекување на ракот воопшто, не само на дојка.
Соопшти дека според предвидената бројка на СЗО за минатата година, кај нас има намалување на нови случаи, т.е. 988 и 316 кои починале од рак на дојка.
-Трендот треба да биде во зголемување на инциденцата, да се зголемува раното откривање, а морталитетот да го намалуваме. За жал, така е и во Македонија, и во светот, и за тоа се зборува на последните конгреси за онколошките пациенти. Секаде во светот скрининг-програмите беа сопрени, дијагностичките процедури беа стопирани и намалени, се до еден период минатата година кога почна некако да се создаваат услови за дијагностички прегледи, рече Додева на настан во „Рамстор мол” во Скопје, организиран по повод одбележувањето на Месецот за борба со рак на дојка.
Справувањето со предизвиците во услови и на негативното влијание од пандемијата ќе биде тема на 14. Национална конференција што вечер од 18 часот ќе се организира онлајн, со цел да се поттикне решавањето на проблемите со кои се соочуваат жените.
Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на државата Стево Пендаровски, на настанот во „Рамстор мол” порача жените да посветат внимание, честопати да прават самопреглед, и редовни мамографии и при секоја промена да се јават на лекар.
-Исклучително е важно да се регистрираат првичните промени зашто на таков начин може да се преземат мерки и да се спаси животот. На овој ден да се потсетиме и да оддадеме почит на сите кои ја загубија битката со болеста, да им дадеме поддршка на сите оние што денес се борат и да повикаме на превентивни мерки – здравиот начин на живот, кој има исклучително влијание да се спречи ова заболување. Пред сè, да не се користи алкохол и тутун во огромни количини, да се користи здрава храна и да се има физичка активност, рече Ѓоргиевска, која трета година е дел од активностите на „Борка” и на други здруженија активни во подигање на свесноста за ракот на дојка.
Генералната директорка на „Рамстор Македонија”, Даниела Адемоска истакна дека нивната компанија како општествено одговорна се придружува во одбележувањето на Месецот за борба со ракот на дојка, затоа што, рече, сите треба да покажеме солидарност кога е во прашање здравјето и оваа болест да не биде табу-тема и за неа отворено да се зборува.
-Во нашата компанија над 60 отсто вработени се жени и со овој настан сакаме да ги поддржиме сите кои имале искуство со борба со рак на дојка и да ја подигнеме свеста за рано дијагностицирање и преземање превентивни активности, додаде Адемоска.