Бројот на новозаразени со коронавирус во Германија е во пораст, а државниот институт за епидемиологија „Роберт Кох” денеска предупреди за уште посилен раст во наредните недели.
„Мора да се земе предвид дека во продолжението на есенскиот период и претстојната зима нагло ќе се забрза зголемувањето на бројот на нови случаи”, се вели во соопштението на Институтот.
Бројот на новозаболени на 100.000 жители во изминатата недела денеска изнесува 95,1, што е значително зголемување во однос на септември кога инциденцата беше 65.
Во моментов 66,1 отсто од полнолетните граѓани се целосно вакцинирани, а 69,1 отсто ја примиле првата доза од вакцината.
Значителен скок на бројот на нови инфекции, според Институтот „Роберт Кох”, е потврден во медицинските установи и домовите за стари лица, но најголем број нови инфекции се уште се бележат кај младите и децата, возрасна група која не е опфатена со мерки за вакцинација.
Вакцинацијата е значително помала во Германија отколку во Данска и Холандија, но е на приближно исто ниво како и во Франција.