Заев од Битола: Со чист образ барам од вас да дадeте шанса за земјата да продолжи да се движи кон иднината

Вечерва во Битола пред насобраните граѓани СДСМ одржа граѓанска трибина на која говореа граѓанската активистка и театарски режисер Софија Ристевска, кандидатот за градоначалник Христо Кондовски и претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Ристевска во своето обраќање кон граѓаните рече: „Запомнете едно, ние граѓаните сме најважни, нам ни треба хуман град со хуман градоначалник кој е солидарен со сиромашните и болните. Ние заслужуваме таков град. Затоа најважно на 31 октомври да гласаме за иднина за надеж за солидарност за напред а не назад! И на 1-ви кога ќе победи Кондовски ние сме тие граѓаните кои ќе му тропнеме на порта и ќе му речеме Христо ти вети а сега ќе го исполниш. Ние сме тие кои ќе движиме напред заедно со него. Ви порачувам од победничка Битола – да не се врати никогаш едноумието”.
Кандидатот за градоначалник Кондовски истакна дека ќе се бори за секоја една битолчанка и битолчанец да ги уживаат удобностите на 21 век тука дома. Преку градење на локална и современа инфраструктура, преку враќање на младите и кревање на секој еден капацитет со кој што располага општината. „Локалниот економски развој во Битола е приоритет. Трудот и маката на секој треба да се вреднува, а локалната самоуправа е тука за да создава клима и можности. Како приватник сум го докажал тоа и сите искуства можам да ги пресликам во општината”, додаде Кондовски.
Претседателот на СДСМ – Зоран Заев на граѓаните им порача дека сиот фокус сега треба да биде ставен на мобилизацијата на членството, на нашите соседи, роднини, пријатели и познаници да излезат и да дадат поддршка за нашите кандидати кои се во вториот круг. Важно е да добиеме што е можно повеќе градоначалнички места каде го трчаме вториот изборен круг. Секоја општина е важна, но особено е важно да ја задржиме Општина Битола. СДСМ учи, се менува и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот за граѓаните.
„Со чист образ, сакам да побарам од вас да дадeте шанса за земјата и општеството да продолжат да се движат кон иднината, наместо да се враќаат во минатото.  Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша јасна и заедничка цел.  Во име на се што постигнавме досега, сакам да пратам порака на заедничко делување, бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, во огромна неизвесност и криза”, додаде Заев.

 

Треба да знаете
Последни објави