Направивме сериозен исчекор во развојот и поддршката на задругарството. Земјоделците ја препознаа поддршката од државата и реалниот бенефит што го имаат од членството во задругите. Тие имаат можност да купуваат државно земјоделско земјиште, поволности при бодувањето за финансиска поддршка, како и можности за субвенционирана набавка на опрема и механизација која ќе им го олесни производството и ќе придонесе за поголеми резулати во нивното работење. Исто така, достапни се европските фондови, наскоро ќе стартува и ИПАРД 3 програмата, со што се отвораат нови можности и нови средства на располагање, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа на настанот по повод завршувањето на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги”.
Според него, реализирано е максимално се што беше потребно за да се добие соодветна законска рамка за работењето на задругите, алатка за следење на нивната работа со помош на развиениот повеќенаменски систем и стартегија со која точно се дефинира како во иднина ќе се развивав задругарството во земјава.
Завршниот настан се реализираше во присуство на претставници од релевантни национални и меѓународни организации, институции, ѓраѓански организации, задруги, земјоделци и групи на земјоделци.
Освен министерот Хоџа, поздравни обраќања имаа и Константинос Супилас, програмски менаџер Делегација на ЕУ, Сумка Бучан, регионална директорка на CARE, Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП и Сузана Димитриевска, претседателка на Македонската асоцијација на земјоделски задруги.
Проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги” е финансиски поддржан од ЕУ, имплементиран од CARE International и Македонската развојна фондација за претпријатија, а крајни корисници се МЗШВ и земјоделците.