Продолжува скринингот за Ковид-19 во основните и средните училишта, а досега не е откриен ниту еден позитивен случај. Од почеток на пандемијата досега во државата од Ковид-19 починале над 7.000 граѓани. Ревакцинирани се 46 отсто од полнолетната популација, а во битката против Ковид-19, Министерството за здравство ќе го набави и лекот „Молнупиравир”.
-Скринингот за Ковид-19 кој се спроведува во основните и средните училишта не откри ниту едно дете позитивно на коронавирусот, соопшти вчера министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека до крајот на неделата ќе бидат тестирани околу 500 ученици.
Скринингот на Ковид-19 се спроведува со цел да се откријат асимптоматските носители на вирусот меѓу учениците и да се добие целосна слика на неговата трансмисија во училиштата. Тој треба да опфати околу 8.000 ученици.
Вчера беше забележан пораст на нови случаи на позитивни на коронавирусот. Од 3.073 тестирања беа регистрирани 490 случаи или околу 16 проценти. Претходно тој процент во работните денови се движеше од 10 до 15, а викендите под 10 отсто. Во претходното деноноќие беа пријавени и 11 смртни случаи и 201 оздравен пациент.
Заклучно со 20 октомври вкупно се вакцинирани 800.357 граѓани, ревакцинирани се 766.521 а трета доза примиле 2.365 граѓани, соопшти вчера Министерството за здравство.
Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму исто така соопштија дека Министерството за здравство ќе го набави единствениот лек против Ковид-19, „Молнупиравир”.
Од Министерството посочуваат дека проактивно стапиле во контакт со производителот на лекот, компанијата МСД, и за кратко време ќе започнат преговорите за негова набавка. Лекот „Молонупиравир” е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на Ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто, информираат од Министерството.
-Лекот и вакцината против Ковид-19 не може да се споредуваат. Вакцините против коронавирусот спречуваат тешка форма на болеста, компликации при хоспитализација или смртен исход. Вирусот Ковид-19 брзо мутира и најголема ефикасност даваат вакцините, а целта е постигање на колективен имунитет, како би се заштитиле од новите соеви на SarsCoV2, информираат од Министерството.
На следниот состанок Комисијата за заразни болести ќе дискутира за мерката за неопходност да се примат две дози вакцини против Ковид-19.
Министерот за здравство вчера рече дека е огромен процентот на заболени кои се невакцинирани и сега вирусот се шири значајно меѓу невакцинираните граѓани.
– За жал се намали значајно интересот за вакцинација. Стигнавме до некаде 800 илјади граѓани кои се вакцинирани со најмалку една доза, од нив 760 ревакцинирани, меѓутоа високиот процент докажува дека болниците ги полнат само невакцинирани граѓани, рече Филипче.
Досега во светот од коронавирус се заразиле 243 милиони луѓе, починале околу пет милиони лица и оздравеле повеќе од 220 милиони пациенти.
Можно е варијантата AY.4.2 да биде широко проширена, изјави Камил Кафизов, истражувач во рускиот здравствен супервизор Роспотребнадзор.
Светската здравствена организација вчера објави дека пандемијата со Ковид-19 ќе трае една година подолго, затоа што посиромашните земји не ги добиваат вакцините што им се потребни.
Д-р Брус Ејлвард од СЗО изјави дека тоа значи дека кризата со Ковид-19 може „лесно да се прошири длабоко во 2022 година”.
СЗО вчера соопшти дека 80.000 до 180.000 здравствени работници во светот можеби умреле од Ковид-19 до мај годинава, инсистирајќи на тоа дека тие треба да бидат приоритетно вакцинирани.
„Новиот работен документ на СЗО проценува дека меѓу 80.000 и 180.000 здравствени работници и вработени во старечките домови можеби умреле од Ковид-19 меѓу јануари 2020 и мај 2021 година”, соопшти здравствената агенција на ОН.
Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе донесе одлука за одобрување на Спутник В, руска вакцина против коронавирусот, најрано во првиот квартал од 2022 година, бидејќи се уште нема доволно податоци.
– Одлуката на ЕМА до крајот на годината сега е целосно невозможна, истакна изворот запознаен со прашањето.
Најсиромашните земји добија само 14 отсто од ветените вакцини против Ковид-19. Во анализата „Доза на реалноста: Како богатите земји и фармацевтските компании ги кршат ветувањата за вакцините” на Сојузот за народни вакцини се наведува дека до најсиромашните држави доставени се 261 милиони вакцини против Ковид-19, што е само 14 проценти од 1,8 милијарди дози, колку што ветија богатите земји.
– Речиси една година од кога вакцината е достапна, во најсиромашните делови од светот комплетно се вакцинирани со две дози 1,3 проценти од населението, се посочува во анализата.